Судијата Ричард Саливан во петокот ги разгледа барањето на одбраната и аргументите на Комисијата за хартии од вредност (СЕЦ), која настапува како тужител, и во целост реши во полза на тужителот, закажувајќи го следното рочиште во големиот корупциски спор за 3 април.
Спорот се води против Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамас Морваи, поранешни директори во Маѓар Телеком, и е втор процес поврзан со овој случај, по процесот кој СЕЦ успешно го водеше против нивните компании, и кој заврши со исплата на отштета од 95 милиони долари.
Одбраната на тројцата поранешни менаџери се обидуваше пред судот во Њујорк да докаже дека тие со своите постапки не предизвикале штета во САД, дека учеството во судски спор во Њујорк е сериозен трошок и напор за нивните клиенти кои живеат во странство и дека судот во Њујорк воопшто нема надлежност во овој спор.
Судијата Саливан ги отфрли сите oвие барања, аргументирајќи ги со преседани во американското судство, кои дозволуваат гонење на лица од странски компании кои корумпираат политичари на трети држави, доколку овие компании котираат на берзата во САД. Одбраната на Штрауб, Балог и Морваи сите аргументи ги насочила кон отфрлање на македонскиот дел од обвинувањата, додека не вложи сериозен обид да ги оправда своите клиенти од обвинувањата дека исплаќале мито за Маѓар Телеком и Дојче Телеком да успеат да го купат црногорскиот Телеком.
Во делот за Македонија, Штрауб, Балог и Морваи се обвинети дека, преку договори за наводни консултантски и маркетинг услуги, префрлиле пари кон компании поврзани со високи функционери на македонската Влада. Во замена за тоа, Владата го одложувала носењето на одлуката за воведување на нов, трет мобилен оператор, и со тоа ги држела цените на телекомуникациските услуги во Македонија вештачки високи и им обезбедувала дополнителен профит на Маѓар и Дојче Телеком како сопственици на Македонски Телекомуникации.
Корумпираните политичари се наведени како висок или високи функционери на најголемата владејачка партија во 2005 година, и на најголемата владејачка партија на малцинската заедница во истиот период, за кои дополнително се наведува дека имале високи позиции во регулаторните агенции на телекомуникацискиот сектор и имале директно овластување врз распишувањето на тендер за трет мобилен оператор. Како поткуп да не биде распишан тендерот биле понудени околу 10 милиони долари, исплатенi преку Грк – посредник.
– Според Комисијата за хартии од вредност, потпишаните договори немале никаква легитимна деловна цел. Овие договори биле користени за насочување на корупциски исплати директно до владини функционери на начин кој не би бил забележан. Обвинетите наводно овие исплати преку ваквите договори ги нарекувале ‘логистика’ и во документ подготвен на 1 јуни 2005 година од страна на Балог, тој предлага исплатите да бидат засновани врз завршената работа и се понудил да биде присутен при потпишувањето на договорите и да се сретне со претставници на двете страни.
На 16 јуни 2005 година Балог ги прашал претставниците на грчкиот посредник да обезбедат повратна информација, од високи претставници на двете страни, да потврдат дека го добиле тоа што било ветено, пишува во одлуката на судијата Саливан. Се наведува дека, дури со заминувањето на корумпираните политичари од власта, новата Влада формирана во 2006 година, конечно распишала оглас за трет мобилен оператор.
– Како резултат на овие коруптивни исплати, македонската Влада наводно го одложила воведувањето на третиот мобилен оператор до 2007 година, кога веќе има нова Влада, пишува судијата Саливан.
Криминалот во Маѓар Телеком бил откриен од страна на ревизорот “Прајсвотерхаус Куперс”, а поткрепен со извештај подготвен од ревизорската компанија “Вајт и Кејс”.
Извор: http://republika.mk