Тројцата беа челници во „Маѓар телеком" во периодот кога, според Американската комисија за хартии од вредност, телекомуникациската компанија ги поткупила македонските функционери со околу 5 милиони евра, со што наводно се одложило воведувањето на третиот мобилен оператор и воведувањето на повисоки давачки за операторите. Штрауб, Балог и Морваи со декемвриската претставка барале судот во Њујорк да се прогласи за ненадлежен во нивниот спор.
Во тужбата на Американците против тројцата челници на „Маѓар телеком", која е позната од минатата година, стои дека преговорите меѓу македонските функционери и телекомуникацискиот гигант завршиле со таен документ насловен „Протокол за соработка". Токму овој документ се наоѓа во дописот што „Транспаренси интернешнел -Маке-донија" му ги достави на Јавното обвинителство, но иако стојат имињата на македонските функционери, оваа верзија на протоколот не е потпишана.
Интересно е дека во протоколот стои дека подзаконските акти ќе се донесуваат со претходна консултација со „Маѓар телеком" и дека македонската Влада ќе ги прифати сите предлози на телекомуникацискиот гигант.
Невладината со која раководи поранешната анти-корупционерка Слаѓана Тасева во саботата одржа прес-конференција на која побара новиот јавен обвинител Марко Зврлевски да покрене постапка против посредникот во поткупот, кој според „Трансперенси" е грчкиот бизнисмен Димитрис Контоминас. Зврлевски за „Фокус" уште еднаш го повтори она што неговиот претходник, Љупчо Шврговски во неколку наврати го кажа, а тоа е дека обвинителството не нашло докази дека високи функционери во Македонија примиле поткуп. Следствено на тоа, не можело да се покрене постапка за наводниот посредник.
Судот во Њујорк пред десетина дена го одби барањето на адвокатите на тројцата поранешни менаџери на „Маѓар телеком" да се отфрли обвинението, а следното рочиште е закажано на 3 април. Челниците се обвинети дека преку договори за наводни консултантски и маркетинг-услуги префрлиле пари кон компании поврзани со тогашни високи функционери на македонската влада, а во замена за тоа власта го одложувала носењето на одлуката за воведување нов, трет мобилен оператор и со тоа ги држела на вештачки начин високи цените на телекомуникациските услуги во Македонија, обезбедувајќи дополнителен профит на „Маѓар" и на „Дојче телеком", како на сопственици на „Македонски телекомуникации". Во Црна Гора, пак, обвинетите потплатувале владини функционери за да им го продадат црногорскиот телеком на унгарската и на германската компанија.
Извор : Фокус