Дури и ТИ Русија нема проблем да ги добие овие информации од Руската Влада!
20.12.2013 Утврдувајќи дека „Министерството за правда во врска со наведениот предмет правилно ја утврдило фактичката состојба и правилно ги применило одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ врз основа на образложението дека „сликата што би се создала од погрешното разбирање на ситуацијата доколку се овозможи пристап до податоците во оваа фаза, може да предизвика поголема штета за Република Македонија отколку ако тие останат недостапни за барателот и јавноста.“ (цитат од Решението) Комисијата го прифатила ставот на Министерството за правда дека работењето на Транспаренси Интернешнел е штетно за државата.
Не е јасно како Комисијата утврди дека постои правилно утврдена фактичка состојба, кога образложението не содржи ништо друго освен воздржаност од „сликата“ што би се создала (претпоставен негативен став), за нешто кое е по значајно за граѓаните на Република Македонија од „сликата“ која треба да ја прифатат (исклучителен и некритички позитивен став).
Без да прејудуцираме било каква подоцнежна одлука на надлежен орган Транспаренси Интернешнел Македонија смета дека со ова решение Комисијата се претвора во сопствен антипод, односно во Комисија која забранува транспарентност и пристап до официјални информации кои се од значење за граѓаните.
Транспаренси Интернешнл-Македонија ги следи активностите на властите во врска со превенција и сузбивање на корупцијата во Република Македонија, во склад со препораките на Европската комисија и меѓународните обврски на државата во рамки на Конвенцијата на ОН против корупцијата.
Со цел да се добијат информации кои се однесуваат на процесот на самооценка за спроведување на Конвенцијата на ОН против Корупција (UNCAC) на 13.09.2013 година ТИ-Македонија испрати Барање до Министерството за правда со 12 точки кои се однесуваат на започнатиот процес на самоценка, транспарентноста на тој процес, објавување на информации за одговорното лице, учеството на приватниот и граѓанскиот сектор како и информираноста на јавноста во врска со активностите на Владата.
Од имателот на информации Министерството за правда на Република Македонија, ТИ-Македонија доби Одговор на 17.10.2013 година, во кој информираше за донесено решение со кое што се одбива Барањето за слободен пристап до информации и по истото “неможе да се одобри пристап до бараната информација поради тоа што процесот на евалуацијата на спроведувањето на Конвенцијата на ОН против корупцијата, UNCAC, е во тек.”
Незадоволни од одговорот, а особено поради тоа што Министерството без образложение се повикува на член 6 став 1 точка 7 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер бидејќи бараните информации се однесуваат на процес кој е транспарентен и од особено значење за Република Македонија за напредокот во борбата против корупцијата при што е неопходно да биде вклучена и инфомирана пошироката јавност.
Во врска со поднесената Жалба од Комисијата за заштитата на правата за слободен пристап до информациите од јавен карактер на 18.12.2013 година, Комисијата достави Решение бр.07-528 од 13.12.2013 година во кое се одбива Жалбата и се потврдува Решението на Министертсвото за правда бр.19-3146/2 од 25.09.2013 година. Комисијата ја одби како неоснована Жалбата утврдувајќи дека обжаленото Решение е правилно и врз закон засновано. Овој заклучок комисијата го изградила врз основа на одговор по Жалба бр. 19-3146/4 од 11.11.2013 на Министерсвото за правда во кое е наведено дека: “… Министерството за правда го одби пристапот до бараната информација, поради тоа што процесот на евалуацијата на спроведувањето на Конвенцијата на ОН против корупција, е во тек. Министерството за правда, оцени дека објавувањето на податоците од бараната информација би можело да доведе до создавање на нецелосна и погрешна слика за состојбата во однос на спроведувањето на Конвенцијата на ОН против корупцијата (УНКАК) во Република Македонија. Нецелосните информации, истотака, би можеле да доведат и до создавање на нецелосна слика и за активностите што ги преземаат органите и институциите во земјата во борба против корупцијата воопшто. Министерството за правда по направаниот тест на штетност, оценило дека сликата што би се создала од погрешното разбирање на ситуацијата доколку се овозможи пристап до податоците во оваа фаза, може да предизвика поголема штета за Република Македонија отколку ако тие останат недостапни за барателот и јавноста. Активностите и мерките што се превземаат во однос на борбата против корупцијата несмеат во домашната и меѓунардната јавност да бидат доведени во прашање, бидејќи тоа би може да влијае врз севкупната оценка за нашата земја во напорите за ЕУ и НАТО интеграција и етаблирањето на Република Македонија како држава во која се почитуваат законите и владеењето на правото.”
Понатаму, Комисијата утврдила дека Министерството за правда во врска со наведениот предмет правилно ја утврдило фактичката состојба и правилно ги применило одредбите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Жалбата е одбиена како неоснована и покрај тоа што како што Комисијата констатира: “Во образложението на оспореното Решение не е наведен тестот на штетност…” иако согласно Законот тоа мора да биде дел од образложението на оспореното Решение. Комисијата се задоволила со тоа што овој дел од образложението преку одговорот на Жалба и станал достапен на нејзе па со одбивателното Решение го доставува до барателот.