Во 20-то издание на Индексот на Перцепција за Корупцијата, резултатите за Кина (со оцена 36 од 100), Турција (45) и Ангола (19) се со најголем пад од 4 или 5 поени и покрај просечниот економски раст за повеќе од 4% во последните четири години.
,,Индексот на Перцепција за Корупцијата за 2014 година, покажува дека економскиот пораст се потиснува и дека напорите да се запре корупцијата исчезнуваат кога лидерите и високите функционери ја злоупотребуваат својата моќ со цел да присвојат јавни средства за своја лична придобивка,” изјави Хозе Угаз, претседателот на Транспаренси Интернешнл.
,,Корумпираните функционери илегално ги пренесуваат своите бесправно стекнати средства во даночните раеви преку офшор компании со апсолутна неказнивост,” додаде Угаз. ,,Земјите на дното на Индексот мораат да донесат радикални мерки за борба против корупцијата во прилог на својот народ. Земјите пак, кои се наоѓаат на врвот на Индексот треба да се осигурат дека нема да извезуваат коруптивни практики во неразвиените земји.”
Повеќе од две третини од 175-те земји во Индексот на Перцепција за Корупцијата постигнале резултат под 50, на скала од 0 (која се смета за највисока корумпираност) до 100 (која се смета за многу чиста). Данска доаѓа на врвот во 2014 година со оцена од 92, додека Северна Кореа и Сомалија го делат последното место, со оцена од само 8.
Резултатите на неколку земји се покачија или паднаа за 4 поени или повеќе. Најголем пад е забележан во Турција (-5), Ангола, Кина, Малави и Руанда (сите по -4). Најголемо подобрување се забележува кај: Брегот на Слоновата Коска, Египет, Сент Винсент и Гренадини (+5), Авганистан, Јордан, Мали и Свазиленд (+4).
Индексот на Перцепција за Корупцијата се базира врз експертски мислења за корупцијата во јавниот сектор. Оцените на земјите можат да се подобрат со отворена влада каде јавноста може да бара одговорност од страна на лидерите, додека пак слабата оцена е знак на доминантен поткуп, недостаток на казни за корупција и јавни институции кои не одговараат на потребите на граѓаните.
Корупцијата во економиите во развој
Оцената на Кина која во 2013 година изнесуваше 40, во 2014 година падна на 36 и покрај фактот што Кинеската Влада започна кампања за борба против корупцијата насочена кон корумпираните јавни службеници. Владата ја призна потребата за следење на функционерите кои го кријат својот бесправно стекнат имот во странство. Во јануари оваа година, протекоа документи кои открија 22.000 офшор клиенти од Кина и Хонг Конг, вклучувајќи и многумина високи функционери во земјата.
Во неодамнешниот извештај на Транспаренси Интернешнал за корпоративните практики на објавување на информации, оцената го прикажува слабото работење на кинеските компании, каде што сите осум компании постигнаа помалку од 3 од вкупно 10.
Корупцијата и перењето пари исто така, претставуваат проблем и за останатите БРИК земји. Оваа година беа покренати нови прашања поврзани со една голема нафтена компанија како користи тајни компании за поткуп на политичари во Бразил (која има оцена од 43), прашања во врска со Индиски граѓани (38) кои користат сметки во банки во Маврициус (54) и Руски граѓани (27) кои го прават истото во Кипар (63).
,,Огромната корупција во големите економии не само што врши удар врз основните човекови права на најсиромашните, туку исто така предизвикува и проблеми во управувањето на државата и нестабилност на земјата. Брзорастечките економии чии влади одбиваат да бидат транспарентни и толерираат корупција, создаваат култура на неказнивост во која корупцијата напредува и се зголемува,” рече Угаз.
Земјите на врвот мора да се борат против глобалната корупција
Транспаренси Интернешнал ги повика земјите кои се наоѓаат на врвот на Индексот и во кои корупцијата во јавниот сектор е ограничена, да помогнат да се запре поттикнувањето на корупцијата во другите земји со тоа што ќе се залагаат повеќе во спречувањето на перење на пари и да ги спречат тајните компании во прикривањето на корупцијата.
И покрај тоа што водечката Данска има силно владеење на правото, поддршка за граѓанското општество и јасни правила со кои се регулира однесувањето на оние кои се на јавни позиции, исто така во ноември оваа година, постави нов пример најавувајќи планови за креирање на јавен регистар вклучувајќи информации за вистинската сопственост за сите компании кои дејствуваат во Данска. Оваа мерка, слична на оние најавени од страна на Украина и Обединетото Кралство, ќе им отежни на корумпираните да се кријат зад компании регистрирани на име на друга личност.
Групата за борба против корупцијата во моментов води кампања за Демаскирање на Корумпираните, барајќи од Европската Унија, САД и земјите од Г20 да го следат примерот на Данска и да креираат јавни регистри кои јасно ќе покажуваат кој навистина ја контролира или е вистински сопственик на секоја компанија.
,,Никој од нас нема да се качи во авиони кои не регистрираат патници, но сепак дозволуваме тајни компании да ги сокријат своите нелегални активности. Јавните регистри кои покажуваат кој навистина е сопственик на една компанија ќе им ја отежни работата на корумпираните да се извлечат со пленот кои го стекнале преку злоупотреба на својата моќ,” изјави Извршниот Директор на Транспаренси Интернешнал, Кобус де Свардт.
####
Транспаренси Интернешнл е водечка глобална граѓанска организација во борбата против корупцијата