24.02.2015 Со оглед на големиот интерес од страна на медиумите и јавноста, Transparency International – Macedonia информира за следното:
На 12.10.2011 година врз основа на член 142 став 1 и 3 од Законот за кривичната постапка здружението Transparency International – Macedonia поднесе Иницијатива до Јавниот обвинител во Скопје за поведување постапка за утврдување на кривична одговорност за лицето Зоран Ставрески од Скопје, вработен во Владата на Република Македонија како Министер за финансии.
Иницијативата може да се види на следниот линк:
https://transparency.mk/images/stories/inicijativa_do_ojo_ti-macedonia12.10.2011.pdf
Здружението Иницијативата ја поднесе поради постоење на основи за сомневање дека на 20.04 2010 година со Решение бр.07-13441/01 на штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, во својство на Министер за финансии именуваниот сторил дело опфатено со одредбите во член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот Законик.
Во Образложението на Иницијативата се наведува дека Зоран Ставрески како Министер за Финансии на 16.04.2010 година донел Упатство за дополнувања на Упатството за распределба на средствата од буџетот на Република Македонија за годишно финансирање на политичките партии, при што не почитувајќи ја поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, ги пречекорил границите на своите службени овластувања како функционер во извршната власт, па се впуштил и на различен начин уредил законска материја. Истиот ден ова Упатство за дополнување било објавено во Службен весник на Република Македонија и стапило на сила. На 20.04.2010 година Зоран Ставрески како Министер за Финансии врз основа на вака дополнетото Упатство донел Решение за распределба на средства за финансирање на политичките партии во висина од 0.06 отсто од Буџетот на Република Македонија во износ од 81,955,200 денари.
Бидејќи при уредувањето на начинот на распределба утврдил различни критериуми според кои се врши распределбата на средствата од Буџетот кои се издвојуваат согласно Законот за финансирање на политички партии; и утврдил различни нормативи според кои политичките партии се квалификуваат да учествуваат во распределбата, постои основан сомнеж дека со донесување на Решението од 20.04.2010 година тој стори дело опфатено со одредбите во член 353 од КЗ.
Одредбите врз основа на кои се утврдуваат различни критериуми според кои се врши распределбата на средствата од Буџетот за финансирање на политички партии; и различните нормативи според кои политичките партии се квалификуваат да учествуваат во распределбата се укинати со Одлука У.бр.16/2011 на Уставниот Суд на Република Македонија објавена на 29.09.2011 година.
На 14.11 2011 година Јавното Обвинителство се произнесе по Иницијативата на ТИ – Македонија за поведување постапка за утврдување на кривична одговорност за лицето Зоран Ставрески од Скопје, вработен во Владата на Република Македонија како Министер за финансии, и ја извести ТИ – Македонија дека: НЕ СЕ ПРЕЗЕМА кривично гонење во врска со иницијативата бр.0302/893 од 12.10.2011 година за кривично дела Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот Законик.
Одговорот од ОЈО Скопје во целост може да се види на следниот линк:
https://transparency.mk/images/stories/odgovor_ojo_22112011.pdf
Транспаренси Интернешнл Македонија
Претседател
Проф. Д-р. Слаѓана Тасева