20.06.2015 Вработена во Управата за јавни приходи (УЈП) лично се уверила дека моќта и парите се над законите и прописите. Не само што била соочена со притисок да прекрши закон за некој друг да се стекне со имотна корист, туку и физички настрадала откако се спротивставила и откако мислела дека сепак законот е еднаков за сите. Во обид да биде законита и да не ја оштети државата архиварката во подрачната скопска единица на УЈП одбила да фалсификува документи со кои би се сокрил данок на извесен моќен бизнисмен. Во целата операција биле вклучени и вработени во УЈП на високи позиции преку кои се одвивале заканите кон вработената и настојувањата да се смени документацијата. Целата приказна околу обидот да се затаи данок, а некој да ќари висока сума пари започнува со анонимна пријава на еден вработен во УЈП кој во известувањето до Транспаренси Интернешнл-Македонија навел дека неговите надредени во управата ја искористиле позицијата, но и партиското влијание за да издејствуваат архиварката да им заврши некаква незаконска работа. Кој сакал преку неа да заработи? Кого штителе посочените во пријавата? Дали навистина се преземени мерки против силните играчи?
ВЛАДЕЈАЧКИТЕ ПАРТИИ СЕ ШТИТАТ ВО ИНТЕРЕС НА КОАЛИЦИЈАТА
Во потрага по одговори успеавме да стигнеме до некои информации и податоци кои некако го склопуваат мозаикот околу фамозниот документ кој требало да заштити приватен бизнисмен, односно да му се овозможи да не го плати вистинскиот износ на данок на имот, односно да му се порамни на нула. Во пријавата анонимниот граѓанин, но според податоците и сознанијата кои ги има е сигурно вработен во УЈП, изнесува и некои имиња, но и пренесува како се случил инцидентот со архиварката.
„Ви пишувам како граѓанин и сакам да ве известам дека пред извесно време во просториите на УЈП, заменик директорот на регионалната дирекција Исмет Гури на насилен начин нападна жена, вработена како архиварка. Од удирањето и влечењето на жената и беа нанесени видни повреди. Здравствените служби констатираа модринки, а за случајот беше известена и полицијата и дисциплинските служби. Но целиот настан беше прикриен од директорот на регоналната дирекција Петар Есмеров кој со закани и уцени кон вработената и посочи дека доколку таа продолжи да се жали и да пријавува ќе остане без работното место затоа што тој ќе ја искористел моќта што му ја дава партијата на власт. Зошто Есмеров штити и прикрива дело на неговиот заменик кој пак од други служби беше суспендиран? Кој му ја дава моќта да суди и да дели правда? Дали доколку јас не ве известев оваа приказна ќе завршеше? Кој на ваквите луѓе им ја дава моќта да играат со судбините на обичните луѓе?
Со овие неколку прашања пријавувачот го завршува своето писмо. Очигледно е дека непостоењето соодветна законска заштита за пријавувачите на кривични дела, но и стравот што го сее власта во справувањето со сите кои ќе и се спротивстават, особено поединци на клучни позиции, анонимниот немал храброст да ги извести надлежните органи да преземат мерки, па сметал дека Транспаренси Интернешнл-Македонија ќе му излез во пресрет и ќе го обелодени случајот, но и ќе има казни за инволвираните.
Согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер до УЈП испративме неколку прашања поврзани со настанот и со инволвираните, пред се дали постои механизам за пријавување на вакви инциденти? Дали и против кого се преземени мерки? Дали УЈП го пријавила случајот кај надлежните истражни органи? Дали постои механизам за заштита на ваквите пријавувачи?
Од одговорите на УЈП очигледно е дека се повикуваат на процедурата. Целата работа за случајот очекувано ја пренсуваат на Единицата за професионални стандарди која е надлежна при вакви случаи. Таму секој може да пријави, а таа ќе одлучи кој и за што е виновен. Но она што е најважно во одговорот, а со тоа се потврдува и инцидентот, односно верзијата на анонимниот пријавувач, е дека Исмет Гури е суспендиран и дека против него е покрената постапка пред дициплинската комисија. Што се однесува до истражните органи УЈП известува дека вработената самата пријавила во полиција веднаш по насилството во нејзината канцеларија.
Затоа следен логичен чекор беше да прашаме во МВР. Испративме и таму неколку прашања пред се дали случајот е пријавен и дали и како постапила полицијата? Интересно е што полицијата го има регистрирано насилството како нарушување на јавниот ред и мир, но најавува дека во тек е покренување прекршочна постапка против Гури. Но, времето ќе покаже дали и како ќе биде санкциониран кадарот на владејачката ДУИ?
Периодот додека истражувавме за каков документ се работи и зошто Гури се довел во ситуација да ја нападне архиварката испративме нови прашања до УЈП за да провериме што одлучила дисциплинската комисија која отворила предмет за физичкиот напад врз вработената. Нејасно зошто, но УЈП одби да ја презентира одлуката за суспензија на Гури, а не ја откри ниту одлуката на дисциплинската комисија, односно одговори дека случајот е разгледан и дека ќе следува одлука.
И во овој случај, како и во многу слични кога станува збор за владини функционери очигледно е дека меѓусебната заштита е доминантна. Обично, со оглед дека не постојат заштитини механизами за пријавувачите на кривични дела, жртвите исплашени за егзистенцијата се повлекуваат и молчат, односно не ги известуваат надлежните и јавноста, а моќниците лесно управуваат со комисиите кои на крајот соочени со политичката реалност замижуваат пред вистината и ги затвораат случаите без да определат санкции. Дали и во овој случај ќе биде така?
Двајцата директори кои ги споменува анонимниот пријавувач се од ВМРО ДПМНЕ и од ДУИ. Колку и да сака повисокиот функционер да го казни понискиот сепак за тоа ќе мора да знаат во партиите. Така одамна функционира тоа во Македонија. А зошто едно конфронтирање на директори би вознемирувало министри или претседатели на партии? Тогаш ќе мора да се дознае и зошто бил нападот, што се подготвувало со документот? Дали за тоа морало да знаат повисоките функционери од Езмеров и Гури? Затоа, за да не си навлечат дополнителни конфронтирања, а и да не кренат прашина во јавноста по се изгледа овие двајцата во молк ќе си завршат работа. Какви и да се санкциите за Гури нема да се создаде конфликт, секако за мир во куќа.
КАКОВ Е ДОКУМЕНТОТ И КОГО ШТИТЕЛ?
Но скандалот со истепаната архиварка не стивна само со анонимната пријава која ни беше првична трага. Друг вработен во УЈП, чиј идентитет ни е познат, а при тоа инсистира на анонимност од истите причини како и првиот пријавувач, преку електронска пошта не извести поконкретно зошто настанал инцидентот. Без да посочи кој стои зад целата операција, а тоа го остава како тест за новинарите и јавноста, открива скандал кој вознемирил многумина вработени во УЈП, особено тие кои знаеле за тоа, а најмногу тие кои биле терани да постапат незаконски. По се изгледа дека нападнатата архиварка е меѓу нив.
Имено, известува нашиот извор или поточно пријавувач, станува збор за данок на имот на извесен познат бизнисмен. Неговото име не можевме да го најдеме на листата спонзори на политичките партии за време на изборна кампања, иако сите го поврзуваат со одредена партија. Увозник е на некои марки цигари и алкохолни пијалоци. Тој морал да плати дури еден милион евра данок на имот или десет отсто од вкупната вредност. Некои од вработените наводно инсиситрал од подредените во УЈП да му се изготви решение со прокнижена нулева состојба. Имотот е приватен и е заведен на име на бизнисменот.
Нашиот извор оди и понатаму и известува дека некој од главните во УЈП дури и изготвил решение со кое се потврдило дека бизнисменот не мора да плати данок. Иако пријавувачот со име и презиме ги наведува сите до еден што стојат зад целата акција, сепак ние нема да ги објавиме затоа што слулчајот е многу серозен, а знаеме како власта се справува со новинарите кои пишуваат за нејзиниот криминал. Тоа што е важно е дека токму инцидентот со архиварката се поврзува со овој документ. Исплашени за ситуацијата вработените во УЈП не смееле да изустат ниту збор, а камо ли да се спротивстават на обидите за фалсификат. Стапивме во контакт со вработната која физички настрадала затоа што нејзиниот идентитет ни го откри еден од пријавувачите. Таа го потврди инцидентот и тоа дека информациите за случајот ни се точни, но не сакаше да открива детали оти призна дека е исплашена и дека не може да зборува со новинари. Со оглед дека е повозрасна и е пред пензионирање беше вознемирена од нашите прашања на кои најлесно и беше да одговори со неколку повторувања дека нема одговор и дека не може да зборува за ситуацијата. Таа не сакаше ниту да одговори на сомнежот дека целиот инцидент постои можност да се сокрие, односно таа на крајот да излезе виновна затоа што наводно не била на работното место. Вториот извор ни пишува дека се што било покренато против Гури, се мисли на дисциплинската постапка, било само фарса и начин како да се смират вработените и новинарите, доколку прашаат, а дека реално немало ништо да има.
При вакви случаи кога некој во УЈП ќе се обиде некому да сокрие данок, особено ако е во поголем износ, како овој од милион евра, тогаш заштитениот бизнисмен мора да искешира некому одредена сума. Не знаеме колку е точно, но со оглед дека нашите извори имаат целосни информации за случајот и ги сметаме за релевантни, тогаш им веруваме дека наместо милион евра за данок на државата, сопственикот на неколку фирми платил или имал намера да плати 200 илајди евра. Парите, според нашите извори требало да ги поделат најмалку двајца, кадри во УЈП од различни партии. Со ова само се потврдува дека корупцијата не познава етнички или партиски граници. Важно е да се лапне нешто, па макар и на штета на државата.
Не успеавме да дознаеме дали Гури и директно вмшан во целиот случај па затоа предизвикал инцидент. Иако нашите извори коментираат дека токму документот поминал низ рацете на архиварката. Дали таа се спротивставила да го заведе, дали пак го открила фалисфикатот и сакала да пријави, не успеавме да дознаеме.
Некои неофицијални информации посочуваат дека слуајот одамна ќе бил затворен, но со оглед на нашиот интерес преку прашањата предметот е ставен во мирување. Секако дека е очекувано откако ќе стивне и нашиот интерес функционерите во УЈП да ја завршат работата како што и наумиле. Дури се споменува дека на крај ќе настрадаат вработените кои го подготвиле документот, иако тоа го сториле по налог и притисок на претпоставените.
Преку писмената комуникација со пријавувачите дознавме дека тие немаат намера да откријат во обвинителството или полицијата оти знаат дека сите од власта се поврзани и дека наместо одговорните за криминалот тие ќе настрадаат. Исплашени пред се за работните места тие не ни помислуваат да поднесат пријава па затоа надеж имаат во медиумите и во невладините организации. Нивниот страв е очигледен и во молбите да не го откриваме нивниот идентитет затоа што уверуваат дека партиските кадри кои раководат со УЈП се подготвени на одмазда оти се изнервирани затоа што е можно планот да им пропадне.
Во обид да добиеме официјален став од Управата за јавни приходи контактиравме со надлежните. Иако поставивме поголем број прашања, пред се поврзани со физичкиот напад на архиварката и обидот да се сокрие милионскиот данок, добивме само еден сублимиран одговор и тоа дека на Исмет Гури му е изречена дисциплинска мерка согласно Колективниот договор, а дека полицијата ја известила Управата оти се случил инцидент. И толку. Ниту каква е вмешаноста на Есмеров во инцидентот, ниту дали тој се случил како псоледица на одбивањето на вработената да изготви незаконско решение, ниту дали бизнисменот го платил данокот кон државата. За последното не ни смеело да се извести јавноста оти тоа било тајна.
Сепак, нашите извори случајот со физичкиот напад го поврзуваат со фалсификување на решение за данок и секако тоа одново го отвора прашањето за заштита на пријавувачите. Но нели, каде што моќта и парите доминираат, граѓаните може само да молчат и замижат. Ако прозборат и прогледаат им нема спас.
Автор: Љубиша Арсиќ
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија.
Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.