26.10.2016 Транспаренси Интернешнел Македонија ги повикува надлежните инситуции да постапат по наодите од Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерството за образование и наука на сметката на основниот буџет за 2015 година, според кој се констатирани бројни неправилности при вработување на лица и ненаменско трошење на јавните пари кои ова министерство ги имало на располагање.
Имајќи предвид дека Извештајот на Државниот завод за ревизија содржи основани сомневања за сторени неправилности кои во себе содржат обележја на одредени кривични дела, загрижувачки е тоа што надлежните институции сè уште не реагираат на нив.
Го повикуваме ДЗР согласно Законот за државната ревизија да го достави извештајот до Државната комисија за спречување на корупцијата и до ЈО на Р. Македонија со цел за нивно натамошно надлежно постапување.
Со тоа не само што не се остварува целта на постоењето на Државниот завод за ревизија, туку не се остварува ниту целта на постоењето на институциите кои се должни да реагираат во овој случај – Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство.
Транспаренси Интернешнел Македонија смета дека е недозволиво да се игнорираат ревизорските извештаи и поради тоа бара надлежните институции што поскоро да ги испитаат наводите од нив и да преземат соодветни чекори кон лоцирање на одговорност за сторените неправилности.
За повеќе информации можете да се обратите до Транспаренси Интернешнел Македонија, лице за контакт Петар Тодоровски, на 02/ 32 17 000 или на info@transparency.mk.