Неказнивоста на злоупотребите на службената положба и политичката заштита над прекршителите на законот мора да престане
16.03.2017 Транспаренси Интернешнл – Македонија (ТИ-М) изразува загриженост во врска со активностите на г-н Кире Николоски, кој во својство на директор на СОУ „Мирче Ацев“ пред учениците изнесува свои политички ставови и ги повикува на учество во политички активности, како и за другите случаи во кои директори на училишта ја злоупотребуваат својата положба со цел да издејствуваат одредени политички активности од децата.
Имајќи предвид дека г-н Кире Николоски со своите дејствија го прекршил чл.7 ст.1 од Законот за средното образование и чл.12 ст.4 од Законот за заштита на деца, Транспаренси Интернешнл – Македонија поднесе иницијативи за вршење на инспекциски надзор до Државниот просветен инспекторат и Министерството за труд и социјална политика, а побара постапување и од Народниот правобранител на Република Македонија.
Транспаренси Интернешнл – Македонија бара од институциите да го испитаат случајот согласно своите надлежности и одговорните да бидат казнети согласно законите. Вакви слични случаи повремено се повторуваат, а при тоа не се лоцира одговорност и казните изостануваат. Неказнивоста на злоупотребите на службената положба и политичката заштита над прекршителите на законот мора да престане, па поради тоа ТИ-М ќе ги следи овие постапки до крај и ќе бара доследно почитување на законот.