22.02.2018 Индексот објавен денеска од страна на Трансперенси интернешнал, која годинава ја одбележува својата 25-годишнина, открива некои вознемирувачки информации – и покрај обидите за борба против корупцијата низ целиот свет, повеќето земји се движат премногу бавно во нивните напори. И покрај тоа што за превземање на мерки против корупцијата е потребно време, во последните шест години многу земји сè уште не постигнаа никаков напредок. Уште по алармантно, понатамошната анализа на резултатите од индексите покажува дека земјите со најниска заштита на медиумите и невладините организации (НВО) исто така имаат тенденција да ги имаат најлошите стапки на корупција.
Изјава од Д-р Слаѓана Тасева – претседател на ТИ Македонија
Проблемот со корупцијата и понатаму ескалира. Република Македонија уште еднаш забележа пад на ранг листата на Индексот за перцепција на корупцијата кој денеска го објави Транспаренси Интернешнел. Република Македонија со пад од 17 места, денес се наоѓа на најниското 107 место откако постои ИПК.
Резултатот покажува дека продолжува политиката заснована на клиентелизам и интереси, и власта продолжува да ги занемарува сите укажувања за ескалација на проблемот со корупцијата. Системот на заробена држава и понатаму опстојува и го оневозможува работењето на институциите задолжени за борба против корупцијата, пред се на Јавното обвинителство и службите за спроведување на законот, а Државната комисија за спречување на корупцијата и понатаму е немоќна да се справи со проблемите на судирот на интереси и контрола на имотната состојба на функционерите. Владата не успеа да го востанови долго најавуваниот принцип на индивидуална одговорност, а одговорните за корупција и натаму се заштитени и недопирливи.
На овој начин и понатаму опстојува систем во кој наспроти правото владеат интереси!
Укажуваме дека овој систем мора да се замени со систем во кој ќе владее правото, а институциите ќе бидат професионални и ефикасни и ќе преземат сериозни мерки за справување со корупцијата како проблем од висок приоритет. Решавањето на проблемот со корупцијата треба да им се препушти на комптентни професионалци, а политиката да остане надвор од нивната работа.
Република Македонија сега го зазема најниското од било кога 107-мо место од вкупно 180 рангирани држави. Сите држави во регионот, претенденти за членство во ЕУ имаат подобар резултат. Тоа создава недоворба на граѓаните во капацитетите на државата и институциите. Недопирливоста на одговорните за корупција е секојдневие кое треба да се искорени, а ланецот на корумпираност во високите ешалони на сите власти да се прекине. Тоа е одговорност на Владата, на Собранието, на вработените во институциите и во судството.
Тоа е одговорност и на граѓаните, кои ги охрабруваме да се спротистават и да ја оневозможат корупцијата. Во име на иднината на Република Македонија.
Индексот, кој рангира 180 земји и територии според нивните перцепирани нивоа на корупција во јавниот сектор, според експертите и бизнисмените, користи скала од нула до 100, каде што нула е многу корумпирана, а 100 е многу чиста. Оваа година, индексот покажа дека повеќе од две третини од земјите имаат помалку од 50, со просечен резултат од 43.
Во текот на изминатите шест години, неколку земји значително го подобрија својот резултат во однос на ИПК, вклучувајќи ја и Брегот на Слоновата Коска, Сенегал и Обединетото Кралство, додека неколку земји го намалија вклучувајќи ги Сирија, Јемен и Австралија.
Оваа година, Нов Зеланд и Данска се рангирани највисоко со 89 и 88 поени. Сирија, Јужен Судан и Сомалија се рангирани најниско со 14, 12 и 9 поени. Регионот со најдобри резултати е Западна Европа со просечни 66 поени. Најлошите региони се Субсахарска Африка (32 просечен поен) и Источна Европа и Централна Азија (34 просечен поен).
Секоја недела новинар е убиен во многу корумпирана земја
Анализата на резултатите од индексот на Transparency International понатаму го испитуваше односот помеѓу нивоата на корупција, заштитата на слободата на новинарите и ангажирањето на граѓанското општество. Се утврди дека скоро сите убиени новинари во 2012 година биле убиени во корумпирани земји.
"Ниту еден активист или новинар не треба да се плаши за својот живот кога зборува против корупцијата", рече Патриша Мореира, извршен директор на Транспаренси Интернешнл. "Со оглед на актуелните мерки против граѓанското општество и медиумите низ целиот свет, ние треба да сториме повеќе за да ги заштитиме оние што зборуваат".
Анализата, која вклучува податоци од Комитетот за заштита на новинарите, покажува дека во последните шест години, над 9 од вкупно 10 новинари беа убиени во земји кои се позиционираа за 45 поени или помалку во однос на индексот за перцепција на корупцијата. Ова значи дека, во просек, секоја недела барем еден новинар е убиен во земја која е многу корумпирана. Освен тоа, еден од пет новинари кои починале, обелоденил приказна за корупција. За жал, правдата во повеќето од овие случаи никогаш не била опслужена.
Напорите на Трансперенси интернешнал и нивното искуство од прва рака кои работат со повеќе од 100 поглавја ширум светот ги потврдуваат тесните врски помеѓу корупцијата и слободата на медиумите. На пример, во Бразил, кој постигна 37 поени по овогодинешниот индекс, 20 новинари загинале во последните шест години. Таргетирани во однос на нивните истраги за корупцијата на локалната власт и криминалот поврзан со дрога, меѓу другото, новинарите во Бразил секојдневно ги ризикуваат своите животи едноставно работејќи ја својата работа.
Корупција поврзана со намалувањето на просторот за граѓанското општество
Трансперенси интернешнал, исто така, го разгледа односот меѓу нивоата на корупција и слободата со која граѓанските организации можат да работат и да влијаат врз јавната политика. Анализата, која ги вклучува податоците од Проектот светска правда, покажува дека повеќето земји што имаат ниско ниво за граѓански слободи, исто така, имаат тенденција да постигнуваат високо ниво за корупција.
"Лажното обвинување, вознемирувањето, тужбите и неажурност на институциите се сите алатки што ги користат одредени влади во обид да ги замолчат оние што се борат против корупцијата", рече Мореира. "Ги повикуваме оние влади кои се кријат зад рестриктивните закони за да ги поништат веднаш и да дозволат поголемо граѓанско учество."
Унгарија, која забележа намалување на индексот од десет поени во последните шест години, се движи од 55 во 2012 година на 45 поени во 2017 година, е еден од најаларманните примери за намалување на просторот на граѓанското општество во Источна Европа. Доколку се донесат, неодамнешните нацрт-закони во Унгарија се заканува ограничување на невладините организации и повлекување на нивниот добротворен статус. Ова би имало катастрофални последици за многу групи на граѓанското општество кои веќе се соочуваат со ограничувачки ефекти од претходниот закон што ги стигматизира невладините организации врз основа на нивните структури за финансирање.
"Резултатите од ИПК не се поврзани само со нападите на слободата на медиумите и со намалувањето на просторот за организациите на граѓанското општество", рече Делија Фереира Рубио, претседател на Транспаренси Интернешнл. "Високите нивоа на корупција, исто така, се во корелација со слабото владеење на правото,пристапот до информации, владина контрола врз социјалните медиуми и намалено учество на граѓаните. Всушност, она што е во прашање е суштината на демократијата и слободата ".
За повеќе информации, посетете: www.transparency.org/cpi