Заедничка изјава на Транспаренси Интернешнл-Македонија и Транспаренси Интернешнл-Унгарија
20.11.2018 По издавањето меѓународна потерница за апсење на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски, Трансперенси Интернешнл и ограноците во Македонија и Унгарија, ги повикуваат унгарските власти да го екстрадираат Груевски од Унгарија, каде што тој моментално бара азил во обид да избегне затворање по осуда за корупција за која не постои основ за жалба.
"Оваа ситуација е голем тест за македонските и унгарските власти и треба да се реши во согласност со унгарскиот закон", рече Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија. "Ги повикуваме унгарските власти да се придржуваат до принципот за немање неказнивост, како што е наведено во Европската Конвенција за Екстрадиција".
Во мај 2018 година, Груевски, кој бил премиер десет години помеѓу 2006 и 2016 година, беше осуден на две години затвор за незаконско влијание на државни претставници за купување на луксузен автомобил. Македонскиот суд го прогласил Груевски за виновен според член 359 став 2 од Кривичниот Законик.
За време на истрагата и судењето, на Груевски му беше одземен пасошот од страна на судот. Поради четири дополнителни тековни случаи на корупција, во кои е вмешан и поранешниот премиер, судот бараше од него да се претстави секој петок до судските службеници / полициските службеници. Тоа беше така сè до минатата недела, кога тој мистериозно исчезна од државата.
"Двете држави треба да постапат во согласност со владеењето на правото и Никола Груевски мора да покаже одговорност пред граѓаните на Македонија за неговите корумпирани дела за време на неговото време како премиер", изјави Патриша Мореира, директор на Транспаренси Интернешнл. "На ниту еден политичар не треба да му биде дозволено да се извлече од обвиненијата за корупција, особено откако судовите јасно одлучиле во корист на пресудата".
"Унгарските власти треба да постапат според европските и меѓународните судски прописи и стандарди. Откако еден политичар ќе биде осуден од независен суд, ниту една од владите не треба да им обезбеди план за бегство и неказнивост ", додаде Јозеф Петер Мартин, извршен директор на Транспаренси Интернешнл-Унгарија.
Случаите на Груевски ги води Специјалното Јавно Обвинителство, кое беше формирано во 2015 година по нелегалното прислушкување на повеќе од 20.000 лица, вклучително и новинари и активисти од граѓанското општество.
Според завршените истраги и обвиненија од страна на Специјалното Јавно Обвинителство, во периодот кога Груевски бил премиер, заедно со неговите соработници пренасочиле стотици милиони евра од јавниот буџет од народот на Македонија.
Транспаренси Интернешнл и нејзините ограноци во Македонија и Унгарија ги повикуваат унгарските власти да ја исполнат својата посветеност на меѓународната правда со екстрадирање на поранешниот премиер, со цел Груевски да се соочи со правдата за своите корумпирани дела.
За повеќе информации за европските стандарди за квалификација на државјани од рангот на трети земји или лица без државјанство како корисници на меѓународна заштита, следете го следниот линк: https://eur-lex.europa.eu/LexUriServ/LexUriServ.do?uri=OJ:L:2011:337:0009:0026:en:PDF
Линк од заедничката изјава на англиски јазик: https://www.transparency.org/news/pressrelease/hungarian_officials_must_extradite_former_macedonian_prime_minister