Транспаренси Интернешнл повикува на фер, транспарентен и правичен пристап до вакцини и третмани
Низ светот, државите се под голем притисок да обезбедат вакцини против COVID-19 за своите граѓани.
Корупцијата претставува висок ризик до правичен пристап до вакцини и третмани против COVID-19. Недостигот на транспаретност за развојот, набавките, и дистрибуцијата на COVID-19 вакцините е закана за глобалното закрепнување од COVID-19.
Државите со високи приходи имаат набавено повеќе од половина од снабдувањето со COVID-19 вакцини, додека државите со ниски приходи се далеку поназад.
Со ограничена понуда и голема побарувачка, побогатите држави плаќаат повеќе за да обезбедат пристап до вакцини против COVID-19 за своите граѓани, на трошок на државите во развој со помалку ресурси.
Само 14% од светските вакцини против COVID-19 се побарани преку COVAX, глобална иницијатива за обезбедување на фер и правичен пристап до COVID-19 тестови, третмани, и вакцини.
COVAX обезбедува колективна моќ за набавка на вакцини и доставување на земјите во развој кои не може да се натпреваруваат со богатите држави во обезбедувањето на договори за вакцини.
Но, директната конкуренција на државите едни со други не е излезот од пандемијата. Ставање крај на пандемијата зависи од заеднички глобален труд. И покрај многуте рестрикции на трговијата и патувањето од страна на владите низ светот, јасно е дека вирусот не препознава национални граници.
Вакцините треба да бидат дистрибуирани врз основа на принципи на правичност, со тоа што најпрво здравствените работници ќе ја примат првата доза, а потоа најранливите според старосна група и здравствена состојба.
Во практика, реалноста е друга. Богатите и моќните го користат своето влијание за да обезбедат пристап, додека семејствата со ниски приходи ја губат довербата во системот и владата што треба да ги заштити.
Испораката на вакцините против COVID-19 подлежи на корупција
Поради големата побарувачка за вакцини против COVID-19, тие имаат висока вредност и се целна група за криминалните и коруптивните мрежи.
Потребни се робусни планови за дистрибуција за да се обезбеди дека вакцините нема да бидат украдени или пренасочени или да влезат лажни и неиспитани вакцини на пазарот од извори како на пример организираниот криминал.
Во профитабилен пазар за COVID-19 вакцини и третмани, митото е голем предизвик, особено на места каде луѓето имаат пристап до здравствени услуги.
Корупцијата за време на COVID-19 веќе беше пријавена во некои држави, многу од кои не ни имаат правични или транспарентни планови за дистрибуција на вакцини.
Коруптивни договори
Владите трошат околу 30% од нивните буџети на јавни набавки. Во здравствениот сектор, приближно 7% се изгубени поради корупција или неефикасност.
Корупцијата во јавните набавки останува ризик додека државите склучуваат договори со фармацевтските компании да набават вакцини.
Договорите и условите за цени помеѓу владите и фармацевтските компании често остануваат тајни и покрај тоа што лековите се плаќани со пари од даночните обврзници.
Нетранспарентни договори коишто ги држат во тајност цената и условите за испорака на вакцини кријат ризици од корупција како судир на интереси.
Клаузули за доверливост
Луѓето имаат право да бидат информирани за вакцините коишто ги примаат. Пристапот до информации е човеково право, особено кога станува збор за нашето здравје.
Во некои држави договорите за обештетување ги штитат компаниите за вакцини од тужби. Со оглед на тоа што овие договори често се доверливи, тешко е да се знае со кого и каде лежи одговорноста во случај на спор.
Барањата за пристап до информации за повеќе информации во врска со договорите поврзани со COVID-19 биле доставени од граѓани и граѓански организации во некои држави. Но, многу барања биле одбиени.
Барањата за информации можат да ја спречат корупцијата
Без важни информации околу природата и трошоците на договорите за вакцините против COVID-19, невозможно е за граѓаните да бараат отчетност.
Пристапот до информации помага во спречување на корупцијата, вклучувајќи ја и злоупотребата на јавните ресурси, судирот на интереси и митото. Исто така помага на јавноста да има јасно и точно разбирање за проблемите коишто имаат големо влијание на нивните животи. Во контекст на програмите за COVID-19 вакцинација, пристапот до информации гради доверба во владите и открива неточни информации.
Доверливоста можеби е потребна во некои случаи за да се заштитат комерцијални информации околу формулите за вакцините и други патентни информации. Како и да е, клаузулите за доверливост не треба да бидат користени за да ја спречат јавноста во остварување на правото за информации во врска со трошоците за јавни ресурси, количината на порачани вакцини, условите за договорите, или временскиот рок за испорака.
Други ризици
Недостатокот на транспарентност за време на истражувањето и развојниот процес може да допринесе до губење на доверба кај граѓаните за вакцините, со што би го спречило процесот на дистрибуција, а би го олеснило ширењето на дезинформации коишто ја занемаруваат науката и податоците и создаваат јавна недоверба.
Некои држави имаат недостаток на податоци во врска со граѓани. Вакви недостатоци спречуваат кој е подобен за вакцинација, каде живеат, или дали имаат здравствени состојби кои ги прават приоритетни. Ова го отежнува процесот на алокација на вакцини и го прави склон кон политички и општествени пристрасности и може да чини животи.
Гледање напред
Долг е патот за да се обезбеди широко распространета COVID-19 вакцинација со повеќето држави особено тие во Африка, Азија и Латинска Америка кои нема да постигнат целосна покриеност до крај на 2023 година.
За жал, колку подолго е потребно за луѓето да имаат пристап до вакцини низ светот, толку повеќе се создаваат можности за вирусот да мутира или да се промени што ќе има големи здравствени и економски последици на светско ниво.
Можеме да спасиме милиони животи и милијарди долари со тоа што ќе работиме заедно за да обезбедиме COVID-19 третмани и вакцини на фер, транспарентен и правичен начин.
Што можат да направат граѓаните
Корупцијата ќе престане тогаш кога луѓето заедно ќе работат да го променат системот. Пријавувањето на корупција и правење петиции до владите за транспарентност во врска со вакцините се ефикасни начини за да се обезбеди фер и правичен одговор и закрепнување. Граѓаните имаат право да знаат како се носат одлуките на владата, и како се трошат ресурсите, особено кога станува збор за нашето здравје.