23.01.2007 Министерството за внатрешни работи (МВР) приведе уште четири лица вмешани во случајот „Бачило“ и спорната денационализација. Како што соопшти денеска МВР, пред истражниот судија, кој ја води постапката изведени се нотарот М.Ќ. (роден 1963) од Скопје, пензионерот К.И. (роден 1958г.) од Велес, ветеринарот М.А. (роден 1959г) од Тетово и Д.С. (роден 1958г) од Штип, вработен како полицаец во Тетово. Постои основано сомнение дека лицата се инволвирани во случајот, така што Д.С. изготвил службена белешка за извршен увид на гранатираното бачило, ветеринарот М.А. издал три потврди за кои се претпоставува дека се невистини во однос на бројката на стадото кое било прегледано од негова страна, а нотарот М.Ќ. заверувал дел од спорните хипотекарни договори за денационализација на државното земјиште. |
Името на пензионерот К.И. фигурирало на дел од тие договори, а по преземените дејства е утврдено дека поседувал банкарска сметка со поголема сума пари, за кои се претпоставува дека се стекнати на незаконски начин. За случаите Бачило и денационализација, кои полицијата ги води како два поврзани случаи во притвор веќе се наоѓаат 11 лица меѓу кои има поранешен заменик министер, судија, адвокат, нотар и други, а вкупниот број на осомничени со кривична пријава се околу 30-тина лица. Вкупната штета на државниот буџет во двата случаи се проценува на околу 6 милиони евра.
Извор: Макфакс |