08.08.2007 Инволвирање на надлежен министер за вклучување на фирма на неговиот партиски шеф во јавен проект – водовод и брана „Злетовица“, е најматен настан во јули. Тоа е избор на 12 главни уредници на национални медиуми во месечната анкета „Бистро-Матно“ на Независната новинска агенција "Макфакс" и невладината организација "Транспарентност – Нулта корупција". Според анкетата во која учествуваа 16 медиуми првото место на листата на бистри настани рамноправно со по седум гласови го делат два настани Тоа се: бесплатната телефонска линија на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) за пријавување на можната корупција меѓу новинарите, како и Фондот за здравствено осигурување кој врати долг од 26 милиони евра. |
Индолентност на Владата во врска со бизнисите на коалиционен партнер беше најматен настан за 12 од 16 главни уредници кои учествуваа во анкетата. Два настани со ист коалиционен партнер кои индицираат за судир на интереси, злоупотреба на моќ и можна корупција, кои минаа без соодветни реакции, забележаа медиумите во јули. Станува збор за крајно сомнителното инволвирање на надлежен министер за вклучување на фирма на неговиот партиски шеф, во јавен проект – водовод и брана „Злетовица“. Вториот случај е злоупотреба на моќ во општина Кратово, при што водата за пиење ја користеше комбинатот „Силекс“, а повеќе населени места беа под редукција. Власта, со нереагирање во двата случаи, индицира дека станува збор за суптилна корупција, односно користење на позиција на власт за реализација на сопствени интереси преку јавни пари или добра. На второто место на листата на матни настани во јули рамноправно, со по два гласа се – судството и обвинителството поради случајот „Македонија турист“, како и поранешниот министер за земјоделие Садула Дураку. Седум години по првичната кривична пријава против компанијата „Македонија турист“ од страна на поранешни вработени – акционери, надлежен скопски суд да реши да започне судски процес. Тоа е сторено дури по интервенција на министерот за правда. Државната ревизија откри и констатира штети за буџетот во милионски суми денари направени со трошење на јавни пари надвор од процедури од страна на Министерството за земјоделство, во минатиот состав на Владата, во време кога со него раководеше Садула Дураку. На листата на Бистри настани бесплатна телефонска линија број 080054321 на која може да се пријавуваат случаи на коруптивно однесување на новинарите, што е воведена на иницијатива на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), доби седум гласа. Ист број гласови има Фондот за здравствено осигурување чиј што менаџерски тим во изминатите осум месеци врати долг од 26 милиони евра. Со тоа фондот нема долгови кон веледрогериите и кон здравствените работници. На трето место на листата на бистри настани со два гласа е акцијата на Управата за јавни приходи (УЈП) која во настојувањата за поефикасна борба против финансискиот криминал обучи 139 инспектори во соработка со Полициската академија. Анкетата „Бистро – Матно“, во која учествуваат главни уредници на национални медиуми, како дел од борбата против корупцијата се спроведува од декември 2004. година. Во анкетата за јули учествуваа телевизиите А1, Ал-сат, Канал 5, Сител ,Телма, дневните весници Бизнис, Вечер, Вест, Време, Дневник, Лајм, Утрински весник, интернет весникот Лоби, неделниците Глобус, Капитал и Фокус. |