Високи владини извори потврдуваат дека Маковеи веќе имала предлог за пензионирање на судиите, но велат дека предлогот се подготвува во Министерството за правда каде што треба да се изработи посебен закон со кој ќе се пензионираат судиите на 58 години. "До Владата се уште ништо не дошло како пишан материјал", велат истите извори.
Вчера владиниот советник Маковеи не ни одговори зошто инсистира во чистењето на судството од корупција да се почне со пензионирање на судиите дури на 58 години, кога се знае дека просечната возраст на судиите во Македонија е висока во однос на европскиот просек и изнесува над 50 години. Ни беше кажано дека вчера таа отпатувала за Романија и оти ќе се врати следниот четврток.
Не се знае дали со овој закон ќе бидат опфатени и обвинителите кои, паралелно со судиите, се под лупа за корупција, а чија просечна возраст е пониска од онаа кај судиите.
Меѓутоа, експертите од Министерството за правда укажуваат дека со предлогот на Маковеи нема да се постигне ништо, дека во пензија годинава би заминале само педесетина судии. "Ако се прави рез, нека биде тој малку подлабок. Со пензионирање на судиите на 55-годишна возраст, годинава би заминале во пензија 180 судии, што е бројка која би обезбедила вистинско прочистување на судството", велат нашите соговорници од Министерството.
Како што веќе пишувавме, со 677 судии, колку што треба да има вкупно во судовите по систематизацијата на Судскиот совет, Македонија ќе го забетонира европскиот рекорд по број на судии по глава на жител. Со два милиона и триесет илјади жители имаме еден судија на само 2.998 граѓани. Според европските стандарди, на еден судија отпаѓаат 20-30.000 жители.
Приврзаниците на пензионирањето на судиите на 55-годишна возраст веќе прават стратегија и реорганизација во судството по евентуалниот одлив на 180 судии, со тоа што 11 судови во малите градови со минорен број предмети ќе бидат укинати и претопени во судски одделенија, дел од надлежностите на судовите ќе преминат кај нотарите и значителен процент кај медијаторите. Автоматски, велат овие експерти, ќе се намали и бројот на судиите.
Извор: Вест