26.03.2008 Неостварување на правото на судење во разумен рок, дискриминација, бавен и несериозен процес на денационализација, нееднаквиот третман при вработувањето, урбанистичкиот хаос, недоволната грижа на надлежните за животната средина, лош однос на полицијата кон граѓаните – вака Народниот правобранител ја оценува изминатата 2007 година.
Народниот правобранител Иџет Мемети смета дека Владата и министерствата не соработуваат доволно со омбудсманот и со тоа ја попречуваат неговата работа да ги штити правата на македонските граѓани.
Тој посочи дека се уште не е постапено по нивните забелешки во второстепените комисии на Владата на Република Македонија за 23 случаи, во МВР за 16 случаи, Министерството за локална самоуправа за 13, Министерството за финансии шест, Министерството за труд и социјална политика за пет и Министерството за здравство исто така за пет случаи.
Од вкупно 4068 претставки добиени од граѓаните најмногу се однесуваат на нефункционалното судство. Ни годинава не се сериозните повреди и загрозувања на човековите права направени и од страна единиците за брзи интервенции и полицијата.
За омбудсманот неоправдувачко е тоа што во Македонија се уште не е донесен закон за антидискриминација и се уште доследно не се почитува принципот на соодветна и правична застапеност. Вели дека условите во затворите и натаму се катастрофално лоши и третманот на затворениците е под сите стандарди, непрофесионален и нехуман.
За 77 случаи, од вкупно 913 во кои е константирана повреда на човековите права, постапката е во тек, додека во 65 народното правобранителство ги презело сите законски мерки.
Народниот правобранител најави дека во програмата за работа за годинава приоритет ќе им се даде на завршување на процесот на реформи во јавната администрација, завршување на процесот на денационализација, подигање на еколошката свест, обезбедување на еднакви услови и можности за образование, едукација на полициските службеници, законитост и итност во постапките за остварување права во здравственото и пензиското осигурување.
Извор: Вечер