30.04.2008 Слободата на медиумите во Македонија е намалена во 2007 година оценува во годишниот извештај американската невладина организација „Фридом Хаус“, рангирајќи ја земјата на 100. место. Медиумите се послободни во: Словенија (46), Бугарија (76), Хрватска (78), Црна Гора (81), Србија (84), Романија (94) и Босна и Херцеговина (97). Од земјите во регионот Македонија, според слободата на медиумите е подобро рангирана само од Албанија (105).
Македонија во извештајот на „Фридом Хаус“ има 47 бодови и е во категорија на држави со „делумно слободни” медиуми. Една година претходно Македонија беше на 98. место со 45 бода. Рангирањето во истражувањето е во распон од 0 (нула) – најслободни до 100 – најмалку слободни.
Повеќето од приватните медиуми во Македонија се поврзани со политички или бизнис интереси, што влијае на нивната содржина, а оние во државна сопственост ги поддржуваат позициите на владата, се наведува во извештајот, по повод 3. мај, светскиот ден на слободата на печатот.
Новинарите во Македонија во 2007 се соочија со серија насилни инциденти и закани се оценува во извештајот, во кој се посочуваат инцидентите што се случија во септември лани.
Платите на новинарите се ниски, професионализмот и приходите од реклами се недоволни, што заедно со финансиската слабост, условува содржините да бидат под влијание и во склад со политиките и економски интереси на сопствениците на медиумите.
Во извештајот се наведува и дека Владата на Македонија е главен огласувач во медиумите и според извештаите ги фаворизира оние што ги смета за пријателски.
Оценките за 2008 се темелат на проценките на законското, политичкото и економското окружување, во кое новинарите работеле во 2007. година.
Слободата на медиумите во светот забележала јасно опаѓање во 2007 година, додека новинарите се борат работејќи во се понепријтелска околина во речиси сите делови на светот, наведува „Фридом Хаус“.
Прва на листата од 195 држави според слободата на медиумите е Финска, потоа следат Исланд, Данска, Норвешка, Белгија, Шведска и други држави од Европската Унија (ЕУ), Соединетите Американски држави (САД) и Канада.
Намалувањето на медиумската слобода, која што подеднакво се забележува и во авторитативните режими и во демократските уредувања, е негативен тренд што продолжува веќе шеста година.
„Фридом Хаус“ посочува дека земјите од Средна и Источна Европа/поранешен СССР покажуваат најголемо уназадување, најмногу посочувајќи кон Русија, Грузија, Киргистан и други држави од средна Европа.
Како држави со најлоша состојба на слободата на медиумите се издвојуваат Мианмар, Куба, Либија, Северна Кореја, Туркменистан и Еритреја.
Извор: Макфакс