Немањето на институција која ќе ги заштити студентите е само дел од причините зошто тие јавно не зборуваат за проблемите со кои се соочуваат во образовните лавиринти. Токму Проектот за антикорупциски мерки во образованието е иницијатор за донесување на Законот за студенстски правобранител. Од таму во специјална изјава за Антикорупција појаснуваат зошто на македонските студенти им е потребна ваква инститиција.
Според Марија Петреска, дел од Проектот за антикорупциски мерки во образованието, покренатата истрага во Германија против 100 видни универзитетски професори, како и неодамнешната акција Индекс која се случи во Хрватска се добри примери за тоа како државата може да се справи со корупцијата во високото образование.
Во Македонија за жал бројот на покрената постапки против универзитетски професори за примање поткуп или друг облик на коруптивно однесување е сосема незначителен и токму поради тоа перцепцијата за степенот на корупција во образованието останува висока, вели Петреска.
Проектот финансиран од Владата на Кралството Норвешка подготви Закон за Студентски правобранил преку чие усвојување ќе се создаде функционална институција – заштитник на студентските интереси и права која ќе може да го поттикне пријавувањето на коруптивните случаи од страна на студентите.
„Законот е ревидиран од надлежните институции и од видни експерти и во текот на месец мај е доставен до Секретаријатот за европски прашања и Министерството за образование и наука.. Toj се очекува да биде усвоен во периодот кој следува, а се надеваме што поскоро за студентите да можат во учебната година која наскоро започнува да добијат поголеми права, посилна заштита и да бидат ослободени од различни притисоци и уцени“, вели Петреска.
За корупцијата во образованието не смее повеќе да се молчи! Затоа проектот преку бројни активности ги поттикнува студентите да проговорат и да ја пријават корупцијата. Од досегашното искуство во соработката со Владата и другите надлежни институции велат дека постои волја за справување со овој проблем, но потребна е поголема иницијативност од студентите.
Извор: КИРИЛИЦА