Кондоминас во Грција важи за мистериозен бизнисмен околу кој постојат многу неодговорени прашања. Некои од медиумите го опишуваат како бизнисмен кого црквата баш и не би го прогласила за светец поради неговите активности. Грчкиот милијардер не и’ е непознат на македонската јавност. Таткото на грчката осигурителна компанија „Интерамерикан“, во Македонија стана познат како сопственик на компанијата „Космотелко“, која имаше дел од акциите во „Македонски телеком“ и ја доби националната лиценца за WiMax, широкопојасен интернет. Според профилот за компанијата објавен во „Катимерини“, „Космотелко“ имала 7,4 проценти учество во „Стоунбриџ комуникации АД Скопје“, компанија која контролирала 51 отсто од „Македонски телекомуникации“. Кондоминас имаше и земјиште од околу 22.000 квадратни метри кај хотелот „Александар палас“ со план да се изгради голем трговски и бизнис- центар, идеја која пропадна бидејќи голем дел од земјиштето преку денационализација беше вратено на сопствениците. Грчкиот бизнисмен остана во незавидна ситуација неколку години за да му бидат вратени назад парите кои ги уплатил за земјиштето. Како што се пишуваше во 2006, Кондоминас планирал и отворање банка и осигурителна компанија во Македонија.
Она со што Кондоминас се поврзува со Македонија е недовршеноста на проектите во телекомуникацискиот и медиумскиот сектор што ги почна кај нас. Токму поради тоа дел од грчките новинари беа заинтригирани од неговиот интерес да учествува во проект од областа на енергетиката, област во која Кондоминас нема никакво искуство, како и во градежен проект од планот „Скопје 2014“, што грчката влада остро го критикуваше како дел од иредентистичката политика на Македонија. По најавата за учество на тендер за хидроцентрали, кај некои од грчките медиуми осамна дилемата дали оваа инвестиција има некаква политичка заднина слична на грчкиот инвестициски бум во Македонија пред неколку години. Порталот „Протагон.гр“ повикувајќи се на извори од грчкото МНР, објави дека на поранешниот премиер Јоргос Папандреу му била доставена понуда преку која му се сугерира дека преку грчки инвестиции во Македонија ќе може да влијае за побрзо решавање на спорот за името затоа што оние кои ќе ја донесат одлуката за овие инвестиции имаат потреба од финасиска поткрепа. Според порталот, неколку личности инволвирани во грчките инвестиции во Македонија успеале да го убедат поранешниот грчки премиер, Костас Симитис дека ваквите инвестициски активности ќе помогнат за менување на македонскиот став за спорот за името. „Не дека во некој момент дојдовме до компромис за името, но соработката на ’Дојче телеком’ со еден грчки бизнисмен беше дел од истрагата во Бон за неконвенционално плаќање на политичарите во Скопје, која заврши без да докаже нешто“, пишуваше Протагон.гр.
Врските на Кондоминас со грчките политички партии се голема енигма исто така. Во некои медиумски текстови се забележува дека во последните години тој соработувал со Нова демократија, иако на почетокот имал силни врски со социјалистичката ПАСОК. Сепак неговата поврзаност со Нова демократија паѓа во вода кога неговата телевизија „Алфа“ интензивно се занимава со скандалот со црковното земјиште „Ватопеди“, што беше еден од посилните удари кои ја разнишаа владата на Костас Караманлис. За него повеќе владее правилото дека не се меша со некоја конкретна политичка опција, туку дека е над политичките партии и работи и ги чува сопствените бизнис-интереси.
Во моментов тој повторно е во фокусот во Грција поради откупувањето на телевизијата „Алфа“. Иако телевизијата долги години беше во негови раце, во 2008 германската „РТЛ“ откупи 70 отсто од акциите на телевизија. Неговото име се поврзуваше повторно со „Дојче телеком“ за време на преговорите со „РТЛ“, со коментари дека германската телевизија имала многу блиски врски со германскиот телекомуникациски гигант. Наводно поради големи загуби, „РТЛ“ неодамна повторно му ги продадоа 70 отсто од акциите на Кондоминас и тој е повторно целосен сопственик на телевизија. Освен „Алфа“ Кондоминас во свои раце ја има и телевизијата „Канал 9“ и неколку радиостаници.
Извор : Утрински весник