„Во Европа многу од институциите кои ја дефинираат демократијата и ја прават државата способна да се справи со корупцијата се мошне слаби. Овој извештај покренува збунувачки прашања во време кога на Европа & е потребно транспарентно раководство, кое ќе се обиде да ја реши економската криза“, се вели во изјавата на извршниот директор на Транспаренси интернешнал, Кобус де Свард.
Токму одговорноста при трошењето на јавните финансии и склучувањето на јавните договори се едни од најчестите проблеми кои ги нотира Транспаренси во својот извештај. Ваквите политики во согласност со пресметките на оваа организација ја чинат Европската унија 1.800 милијарди евра годишно. Неодговорното трошење, според Пол Зубков, програмски координатор во Транспаренси интернешнал, е причината за сегашната европска финансиска криза.
„Со цел да се напредува и да се обезбеди стабилност на јавните трошоци, потребно е да постои целосна транспарентност во врска со одлуките донесени од политичарите и како тие јавни средства се потрошени“, вели Зубков.
Според истражувања на Европската унија, една третина од Европејците гледаат на корупцијата како на растечки проблем во својата земја. Како најчести проблеми со кои се соочија државите од Унијата се корупција меѓу највисоки државници, забележана во Франција и Италија, каде што ваквите случаи влегоа во судовите. Политичка корупција за трошењата на парламентарци пак, е истканата за Велика Британија, во Норвешка пензиските измами, а конфликтот на интереси е најголем проблем во Бугарија.
Бугарија и Романија сe уште шампиони во ЕУ по корупција
Корупцијата во Бугарија и во Романија и понатаму продолжува да предизвикува најголема загриженост. Иако двете земји донесоа многу закони за борба против корупцијата, како што бараше ЕУ, „тој порив на законодавната активност не беше придружен со масовното прифаќање етички норми, акции и однесување“, пишува во извештајот.
Извештајот на Транспаренси интернешнал претставува прва сеопфатна анализа на капацитетите на земјите од Европската унија. Истражувањето опфаќа 300 национални институции во 25 држави.
Корупцијата бележи раст не само во ЕУ, туку и во Македонија
Иако Македонија не е дел од овој извештај бидејќи с$ уште не е членка на Европската унија, сепак, ако се погледнат последните анализи објавени од релевантните институции кои ја следат оваа проблематика, проблемите со кои се соочува земјава се речиси идентични. Имено, во согласност со последниот извештај за 2011 година на Транспаренси интернешнал-Македонија, се истакнува мал пораст на корупцијата во земјава. Од 62 место во 2010 година, Македонија лани се искачи на 69 место. Така, според перцепцијата на корупцијата, Македонија се најде на исто место со Гана, Италија и со Самоа. Во извештајот на Стејт департментот пак, се забележува значително ниво на корупција во македонската Влада. „Во македонската Влада има значајно ниво на корупција, а истата не успева да овозможи целосно владеење на правото“, пишува во годишниот извештај на Стејт департментот за состојбите со човековите права во светот, кој го презентираше американскиот државен секретар, Хилари Клинтон.
Извор : Капитал