15.07.2016 Како „Силекс неметали“ со огромни долгови кон државата заврши во ликвидација
Семејството Левковски од Кратово раскажува дека фирмата во која нивниот татко работел три децении „Силекс неметали“ одбива да исплати отштета за неговата смрт на работното место, иако за тоа има и правосилна судска пресуда. Но, за тоа веќе е и доцна, бидејќи според Левковски, од неодамна фирмата оди во сомнителна ликвидација.
Огорчени од нелојалноста и од нечовечноста, оштетените истражуваат како со години успешната фирма наеднаш тоне во долгови и загуби, а нејзината работа ја презема новоотворена фирма, со речиси идентично име, сместена на иста адреса. Поради сомневањата за манипулации и незаконско делување, семејството поднело неколку кривични пријави против раководните лица на компанијата
Правдата во Македонија е бавна, а најчесто и недостижна, но дури и кога ќе се дочека, поради многуте години поминати низ судските лавиринти, таа честопати не може да се спроведе. Ова значи дека си добил пусулче во рака дека си во право, но не го добиваш и она што законски ти следува.
Вакво негативно искуство доживеало семејство од Кратово, кое изгубило осум години барајќи обесштетување за својот починат татко, кој животот го изгубил на работното место. Поточно, откако судот конечно пресудил минимален надомест, за разлика од оној со кој на политичарите им ги залекува душевните болки предизвикани од „клевета или навреда“, сега не можат да го наплатат. Под сомнителни околности, фирмата завршила во ликвидација. И тоа не само со долгот кон ова семејство, туку со неплатен цех од околу 1,5 милион евра кон други физички и правни лица, но и кон државата.
Семејството, повредено од нелојалноста на фирмата кон нивниот татко, решава да истражи како оваа успешна компанија, речиси преку ноќ останува без пари. По неколкугодишна истрага и сомнеж за изигрување на законите, пред неколку месеци во Јавното обвинителство во Куманово доставуваат кривична пријава поткрепена со докази, распослани на стотина страници. Сега сѐ е во рацете на обвинителството, а тие, како што велат, биле во улога на пријавувачи на можен криминал.
РАБОТЕЛ 31 ГОДИНА, А КОГА ПОЧИНАЛ, ГО ЗАБОРАВИЛЕ
Кога надлежните институции самите не гледаат, јас ќе се обидам да им ги отворам очите.
Вака ја почнува својата приказна кратовецот Љупчо Левковски, кој раскажува дека по 31 година работен стаж, во кратовската фирма „Силекс неметали“, неговиот татко, Добре Левковски, доживува несреќа на работното место и по 20-от ден ја губи битката со животот.
Кобната несреќа се случила во 2006 година, а дури и десет години подоцна, компанијата, ниту нему, ниту на неговата сестра не им исплатила ниту денар како обесштетување. Во рацете имаат и правосилна судска пресуда, според која, им следуваат околу 10.000 евра за претрпената материјална и нематеријална штета, но фирмата одбивала да плати. Веќе нема ниту правна можност, бидејќи, наеднаш успешната фирма, формирана во 1999 година, останува без пари и лани оди во ликвидација.
Токму ликвидацијата му паднала в очи на синот на Љупчо, кој се сомнева дека компанијата продолжила да работи, со истите работници, ресурси и капитал, но само под ново име, а оваа старата останала во историјата заедно со неисплатен долг од неверојатни 94 милиони денари, од кои најголемиот дел е за неплатени придонеси за пензиско и здравствено осигурување.
Поточно, според решението за стечај, донесено од Основниот суд Куманово, во 2014 година, фирмата му должи над 67 милиони денари на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, речиси 22 милиони денари на Фондот за здравствено осигурување, на други физички лица им должи 2,6 милиони денари, 104.790 денари на „Силекс неметали СТ“, 242.390 на „Макошпед АД Скопје“ и уште неколку долгови кон правни лица.
Голготата на кратовското семејство Левковски почнува на 20 октомври 2006 година, кога сега покојниот Добре, кој бил возач, при обидот да ја препаркира приколката, се лизнал и паднал, а рудата што била натоварена паднала врз него и му нанела тешки повреди. По дваесетдневен лекарски третман, Добре им подлегнува на повредите.
Семејството на починатиот прави обиди со фирмата за вонсудска спогодба, но бидејќи раководството не покажува интерес, во 2008 година стартува судски процес за нематеријална и материјална штета против „Силекс неметали“ и осигурителната компанија „АД Полиса“. По неверојатни пет години судење, Основниот суд во Кратово во 2012 година носи пресуда, а наредната година постапува и Апелациониот суд, по поднесените жалби, за конечно пресудата да стане правосилна и извршна во 2015 година. Поради неразумниот рок на судење, семејството се жали и до Судот за човекови права во Стразбур, кој пресудува во нивна корист.
Според правосилната пресуда, покрај починатиот, и компанијата треба да понесе одговорност за несреќата, бидејќи не му доделила помошник на возачот, кој би надгледувал и би му помагал при товарот и транспортот на рудата. Судот одлучил Љупчо и неговата сестра да добијат по 3.252 евра за нематеријална штета, компанијата да ги надомести погребните трошоци од околу 2.000 евра и да ги покрие судските трошоци од над 3.000 евра.
Но, и покрај правосилната пресуда, семејството на починатиот не добило ниту еден денар од компанијата. Во 2015 година се отвора стечајна постапка врз „Силекс неметали“, а нешто подоцна следува и ликвидација.
УСПЕШНА ФИРМА, СОМНИТЕЛНА ЛИКВИДАЦИЈА
Синот на сега починатиот Добре, Љупчо, се сомнева дека преку дупки во законот, компанијата го префрлила капиталот, имотот, техничките средства и работата на своите сестрински фирми во новоотворена фирма, во чие име е додаден само акронимот „СТ“. Односно „Силекс Неметали“, чиј повеќегодишен сопственик е компанијата „РИК Силекс“, во моментот е во ликвидација и не поседува ништо, а сомнежот е дека дел од капиталот е префрлен во новоотворената фирма „Силекс неметали СТ ДООЕЛ“ Кратово, исто така формирана од „Рик Силекс“. Она што паѓа во очи, според податоците од Централен регистер, е тоа што и старата и новата фирма се наоѓаат на иста адреса, „Гоце Делчев“ бб, Кратово.
Од податоците во Централниот регистар се гледа дека во времето кога се случува кобната несреќа, сопственик на компанијата е „РИК Силекс“, а од 2010 година се менува сопственикот, и компанијата преминува во рацете на фирма ќерка на „РИК Силекс“,односно сопственик е фирмата „СИЛМАС“.
– Извадивме многу документи од јавни институции и увидовме дека последните години „РИК Силекс“ (мајката фирма) извршила промена и намалување на капиталот и уделот, како и промена на сопствеништвото на „Силекс Неметали“. Сега сопственик на стечајната „Силекс Неметали“ е фирма-ќерка на РИК Силекс, „СИЛМАС“, додека подружница на „Силекс Неметали“ е „Силекс Травертин Куманово“. Овие две фирми заедно со „РИК Силекс“ се живи, работоспособни со деблокирани сметки, вели Левковски.
Тој појаснува дека мнозински сопственик на акциите во АД „РИК Силекс“ е политичарот и бизнисмен Љубисав Иванов-Ѕинго, а тоа се потврдува и во неговата биографија објавена на сајтот на Социјалистичката партија на Македонија: „тој е основач и повеќе од 30 години генерален директор на компанијата „Силекс“ во чии рамки работат повеќе фабрики, рудници, земјоделска и сточарска дејност, угостителство, туризам и трговија, а во системот на компанијата работи „Силекс банка“ и телевизија Сител.
Поради сомнежите дека компанијата е ликвидирана со цел да не ги врати долговите, нашиот соговорник на почетокот на годината поднесува кривична пријава против фирмите „РИК Силекс“, „Силекс Неметали“, „Силекс неметали СТ“, и „Силмас“, како и против двајца управители и тоа за кривичните дела Злосторничко здружување, Лажен стечај, Предизвикување стечај со несовесно работење, Злоупотреба на службена положба и овластување…
– Сомнежот и сознанијата се дека се извршени повеќе кривични дела за „Неметали“ да стане неспособна за плаќање и да извршат повеќе видови на противправна имотна корист, притоа предизвикувајќи значителни имотни/правни штети на мене, но и на други лица преку избегнување на обврски за плаќање, преку: претворање, промена, пренос и прикривање на имот/капитал, „матни“ трансакции, склучување лажни фактури за позајмици и цесии со поврзани друштва, неплаќање придонеси и други давачки во износ од 94 милиони денари, се наведува во поднесената кривична пријава.
Според содржината на пријавата, наводните „криминални активности“ почнуваат во 2006 година, кога управителот одобрил промена на дел од основната главнина на фирмата, односно повлекол вложени недвижнини во вредност од над 38 милиони денари и ги заменил со опрема во иста вредност, потоа во 2008 година со промена на големината на субјектот, и наредната година со промена на подружницата „Травертини“.
Во истиот овој период се формира друштвото „Неметали СТ“ каде што е назначен истиот управител, Васил Ристовски. Новата фирма, според нашиот соговорник Љупчо, е со „сомнителна“ сопственост и капитал, односно со постепеното уништување на „Неметали“ ги презема вработените, имотот, капиталот, концесиите, пазарот, седиштето, материјално-техничките средства, моторните возила итн.
ЛЕВКОВСКИ: ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ГИ ИСТРАЖИ МОИТЕ СОЗНАНИЈА
Во овој период вработените наводно потпишуваат и нови договори за работа, но речиси никој не забележува дека станува збор за нова фирма, поради речиси идентичното име, а никој не го забележува ниту сменетиот даночен број.
– Моите сознанија се дека на овој начин се овозможува да не се прекине процесот на работата, пазарните побарувања, но се сомневаме и дека се овозможува незаконско префрлање на концесијата за експлоатација на природни добра за „Рудникот за злато – локалитет Плавица“, од „Силекс неметали“ на „Силекс Неметали СТ“, каде што и во двете сестри фирми се јавува истото лице како управител, Васил Ристевски, вели Љупчо.
Според нашиот соговорник, важно е да се знае и дека ова релативно ново друштво „Неметали СТ“ формирано со основна главнина од 5.000 евра, набрзо се вбројува во 200-те најуспешни фирми во Македонија, со милионски суми бруто-добивка. Левковски потенцира дека во сомнителната ликвидација се вклучени и вработени во институциите.
– Во судските/службени списи и пресуди постојат голем број нелегитимни и неточни податоци кои укажуваат на можна корумпираност на службени лица од Јавниот сектор или во најмал случај на пласирање непроверени или непотврдени информации како официјални докази, што е резултат на непрофесионализам и нестручност во професијата, заклучува нашиот соговорник.
Како поткрепа на кажаното тој наведува неколку примери, односно појаснува дека во една потврда на МВР се констатира дека „Силекс неметали“ не поседува службени возила, но на еден документ со потпис на управителот на фирмата се демантира тврдењето на МВР. Друг пример е кога со пресуда од 2007 година, државниот инспектор за труд и судијата не гледаат одговорност за несреќата кај обвинетите одговорни лица од фирмата и ги ослободуваат од вина, што подоцна е демантирано со правосилна судска пресуда.
Но, во ликвидација не заминала само компанијата „Силекс неметали“. Нејзиниот пат го минуваат уште неколку сестрински компании, односно фирми основани од мајката фирма „РИК Силекс“.
– Како е можно сестрински фирми да позајмиле огромни суми од „Силекс неметали“ и таа година се нашле во топ 200 најуспешни фирми во Македонија, а веќе следната година да се ликвидираат поради банкрот, или се пред стечај и ликвидација. Таков е случајот со фирмите „Кратискара ДООЕЛ“, „Силспорт ДООЕЛ, „Силкрат ДООЕЛ“ и „Силпен ДООЕЛ“, сите ќерки фирми на АД „РИК Силекс“, посочува Левковски.
Кривичната пријава што ја поднел нашиот соговорник веќе неколку месеци е во кумановското обвинителство и, како што го известиле, обвинителите се уште постапуваат по неа. Сепак, за пријавата се уште не е известен Ристевски, поранешниот управител на „Силекс неметали“ и актуелен управител на новоотворената „Силекс неметали СТ“.
Во телефонски разговор Ристевски ни кажа дека не знае оти против него има поднесено кривична пријава, поради што по електронска пошта му испративме неколку прашања за сомнежите и обвинувањата наведени во пријавата. До затворањето на овој број од неделникот не добивме одговор.
Исто така, преку генералниот секретар на Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, се обидовме да стапиме во контакт со Иванов-Ѕинго, но ниту од него не успеавме да добиеме одговор на поставените прашања, а не ни одговорија ниту од неговата матична партија.
Својата страна од приказната не ни ја раскажаа ниту овластените лица од компанијата „РИК Силекс“, на чија имејл-адреса, исто така, испративме прашања.
И СПЕЦИЈАЛНАТА ОБВИНИТЕЛКА ИСТРАЖУВА СЛИЧНИ ЛИКВИДАЦИИ
Згаснувањето на одредени македонски компании им се виде сомнително и на обвинителките од Специјалното јавно обвинителство, поради што започнале истрага. Наводно, се чешлаат приватни компании кои користеле ресурси на државните претпријатија, но има сомневања дека наплатиле и услуги кои не ги реализирале, а потоа биле ликвидирани во сомнителни постапки. Се истражува и мистериозното исчезнување на приватни фирми, кои „исчезнале“ откако натрупале големи долгови кон државата.
– За вакви приватни компании се зборува во неколку т.н. бомби, каде што се зборува во врска со тоа како да се ликвидираат тие без да ги подмират обврските кон јавните претпријатија. СЈО се обидува да ги најде досиејата за овие приватни фирми со цел тие да ги вратат долговите, а одговорните за овие манипулации да добијат соодветни казни, истакнаа неодамна за „Лајм“ извори од СЈО.
Тука се надоврзува и „упадот“ на истражителите од ова обвинителство во Централниот регистар во март годинава, од каде што подигнаа документи за десетина компании.
Од Специјалното јавно обвинителство побаравме одговор дали можеби и ликвидираната компанија „Силекс неметали“ е нивен предмет на истрага, бидејќи Левковски и до нив ја доставил кривичната пријава.
– Како што повеќе пати имаме укажано досега, предистражните постапки се тајни и секое објавување на податоци штети на постапките. Од тие причини не сме во можност ниту да ја потврдиме, ниту да ја негираме информацијата која ја барате, ни одговорија од Специјалното јавно обвинителство.
За да се потврдат или отфрлат сомнежите на кратовското семејство Левковски, со работа треба да се зафати кумановското обвинителство. Сепак, Љупчо смета дека најдобро би било кога предметот би се водел во Вишото јавно обвинителство во Скопје.
– Во интерес на законот, правдата, а со цел елиминирање на можни притисоци и влијанија, барам како надлежен да се одреди обвинител од Вишото ЈО Скопје. Поточно, да се избегне јавен обвинител, судија и вештак од Кратово или од Куманово, вели Љупчо.
Нашиот соговорник по професија не е правник, но вели дека маката го натерала со години да ги проучува законите и да го истражува работењето на овие компании. Како што вели, тоа немало да се случи, доколку одговорните во компанијата покажале барем малку човечност и му ставеле до знаење дека им е жал за смртта на неговиот татко, бидејќи судот утврдил и нивна одговорност.
Каква завршница ќе има случајот, ќе покаже времето. Но, семејството Левковски очекува овојпат надлежните институции да бидат поажурни, од претходно, кога им требале дури осум години, за случај кој се решава за неполн месец.
Автор: Валентина Стојанчевска
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија.
Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.