На 22-ри јули 2024, Претседателката на ЕБОР Одил Рено-Басо пристигна во дводневна посета на Македонија. Претседателката на ЕБОР со нејзиниот тим организираа средби со владини претставници, претставници од бизнис секторот и од граѓанскиот сектор. Според нејзината изјава, Македонија се смета за значајна инвестициска дестинација. ЕБОР е главна институција во Македонија во однос на инвестициите во земјата и до денес, има инвестирано 2,9 милијарди евра во 190 проекти.
На 22-ри јули 2024, беше организирана средба со претставници од граѓанскиот сектор. На овој состанок присуствуваше и Марија Сунчевска како претставник на Транспаренси Интернешнл- Македонија. Тема на средбата беа предизвиците со кои Македонија се соочува во однос на борбата со корупцијата, емиграцијата, можностите за бизнис заедницата и нејзината поддршка преку различни финансиски средства, можностите за жените-претприемачки и различните предизвици со кои граѓаните се соочуваат во секојдневниот живот.
Претставникот на ТИ-Македонија ја истакна важноста на ефективната борба против корупцијата и важноста на сите чинители да се вклучат во истата бидејќи само така ќе успееме да обезбедиме професионален однос во сите сфери и овозможување на околина која ги поттикнува сите да функционираат во рамките на законите и владеењето на правото. Беше претставена работата на организацијата најпрво преку функционирањето на Канцеларијата за правни совети (ALAC) која се одржува веќе 18 години и е значаен чинител во борбата против корупцијата преку анимирање на граѓаните во борбата против корупцијата.
Беше претставен и Националниот систем за интегритет, кој овозможува преглед на 15 столбови дел од државното уредување и нивното учество во севкупниот систем за борба против корупција. Беше истакната добрата работа на Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупција, но и лошата оцена што ја добија судството и јавното обвинителство. Истакнато беше дека и бизнис секторот треба поактивно да се вклучи во борбата против корупцијата.
Состанокот помина во пријатна и конструктивна атмосфера, во која претставниците на 7 организации разменија мислења и дискутираа со претставниците на ЕБОР на споменатите теми.