Транспаренси Интернешнл-Македонија на почетокот на 2024 година го објави извештајот: „Национален систем за интегритет-оцена за Република Северна Македонија”, којшто содржи анализа на состојбата на 15-те столбови на национален систем на интегритет во однос на корупцијата и ефективноста на националните напори за справување со корупцијата.
Извештајот беше работен во текот на 2022 и 2023 година, во рамки на проектот „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“ којшто е финансиран од Европската Унија и Владата на Швајцарија.
Во рамките на овој извештај, за првпат е направена анализа на родовата сензитивност со препораки за 14-те столбови коишто се релевантни за системот на интегритет на земјата. Анализата е направена според методологија подготвена од Транспаренси Интернешнл. Родовата сензитивност беше еден од показателите за анализа на работата на 14 од 15 столбови на коишто беше спроведена севкупната проценка.
Политички партии
Законски одредби постојат, а политичките партии во практика рутински ги спроведуваат, надополнети со дополнителни мерки за овозможување и унапредување еднакво учество. Постои рамнотежа во учеството и условите за жените и мажите во партиите. Сепак, раководните позиции во партиите се во рацете на мажи.
Оцена: 50/100
Родовата рамнотежа во политиката е уредена со Изборниот законик. Најмалку 40 отсто од кандидатите од доставените листи на кандидати за пратеници и членови на општински совети и на Градот Скопје мора да бидат од помалку застапениот пол. Барем едно од три места мора да се резервирани за помалку застапениот пол и барем едно дополнително место на секое десетто место. Нема законски одредби за да осигурат дека политичките партии ќе се соочат со несимболични последици ако не ги спроведат партиските механизми.
Препораки:
Униите на жени во политичките партии треба да бидат функционални и да работат на тоа да се обезбеди родова рамнотежа во партиските тела и комисии до нивоа на лидерство
Телата на партиите и униите на жени треба да лобираат за воведување на привремена посебна мерка со цел жените да имаат еднакви права и можности да се искачат на лидерската скала и да бидат назначени на лидерски позиции во партиите како и мажите
Национален систем на интегритет на Северна Македонија, Родови индикатори – препораки