Транспарентноста на јавното обвинителство останува долготраен предизвик и континуирано се посочува како проблем во извештаите на Европската комисија за напредокот на земјата во процесот на проширувањето кон Европската унија (ЕУ), во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права, како и во анализите на меѓувладините организации, вклучително ГРЕКО (Групата на држави против корупцијата при Советот на Европа) и ОБСЕ (Организацијата за безбедност и соработка во Европа). Ова прашање е предмет на детални анализи и во извештаите на релевантни домашни и меѓународни невладини организации, кои ја следат состојбата со владеењето на правото и борбата против корупцијата. Потребата од засилена транспарентност станува сè понагласена со прелиминарното отпочнување на пристапниот процес кон ЕУ во јули 2022 година, како и со усвојувањето на Реформската агенда за земјата согласно Планот за раст за Западен Балкан, чија имплементација, во делот што се однесува на јавното обвинителство, во голема мера ќе зависи од јасното, навремено и транспарентно известување за спроведените мерки и активности.
Оваа кратка анализа има за цел да ги идентификува клучните недостатоци, како и непотребните или недоволно релевантните информации во нивната структура и содржина, да го оцени пристапот кон податоците и нивната презентација и да предложи конкретни мерки за подобрување. Преку споредба со меѓународните стандарди и препораки, како и преку интервјуа со релевантни чинители, се формулираат насоки за унапредување на содржината и форматот на извештаите, со цел овозможување посистематско следење на ефективноста и отчетноста на обвинителствата и зајакнување на јавната доверба во правосудниот систем.
Целата анализа може да ја прочитате на следниот линк:https://transparency.mk/wp-content/uploads/2025/03/godishniot-izveshtaj-za-rabotata-na-javnite-obvinitelstva-kluch-za-zgolemuvanje-na-transparentnosta-i-integritetot-na-obvinitelstvoto.pdf