Подгрантот „Лице в лице со интегритетот: Мобилизирање на граѓаните и медиумите за политички интегритет во Северна Македонија“ беше дел од проектот „Integrity Watch во Западен Балкан и Турција: Организации на граѓанското општество во борбата против корупцијата преку користење на податоци за политички интегритет“, поддржан од Европската Унија. Овој подгрант беше имплементиран од ПАБЛИК – Здружение за истражување, комуникации и развој.
Проектот имаше за цел да го зајакне политичкиот интегритет во Северна Македонија преку трансформирање на комплексни антикорупциски податоци во граѓански разбирлива комуникација. Преку посебна онлајн секција со ресурси, креативна мултимедијална содржина и приказни споделени од граѓаните, проектот придонесе за зголемување на јавната свест за ризиците од корупција во политичкото финансирање, законодавството и јавните набавки.
Со цел да се постигне поставената цел, беа реализирани бројни активности и беше поттикнато учество на граѓаните во истите. На веб-страницата „Лице в лице“ беше додадена нова дел кој ги содржи сите информации и материјали поврзани со проектот: https://licevlice.mk/licevlice-so-integritetot/. Во овој дел се достапни 73 ресурси, вклучувајќи: 19 статии (од кои две се детални аналитички извештаи), пет интервјуа, четири новинарски текстови, две онлајн галерии со избрани дела од изложбите во Струга и Велес, како и други кампањски материјали: анимирано видео, reels, фотографии, илустрации, инфографици и две интерактивни ECR алатки.
Беа изработени две анализи и пет интервјуа со цел да се посочат ризиците и слабостите во воспоставувањето политички интегритет.
Првата анализа ја разгледува еколошката правда, односно како корупцијата придонесува за лош квалитет на воздухот во Северна Македонија. Во анализата се наведува:
„Загадениот воздух не е само еколошки проблем! Тој е директен одраз на политичкиот интегритет и степенот на корупција. Кога институциите им дозволуваат на индустриските загадувачи да работат без надзор, кога законите се прилагодуваат на бизнис интереси и кога инспекторите се под притисок или корумпирани, цената ја плаќаат граѓаните: болести, скратен живот и губење доверба во државата. Борбата против загадувањето е истовремено борба за транспарентност, отчетност и владеење на правото – за воздухот што го дишеме секој ден да биде безбеден, а институциите да му служат на јавниот, а не на приватниот интерес.“
Целосната анализа е достапна на: https://licevlice.mk/zagaduvanje-na-vozduhot-korupcija-makedonija/
Втората анализа го отвора прашањето што ги поврзува управувањето со отпадот и политичкиот интегритет: како државата го менаџира увозот на отпад и дали системот е способен да ги заштити граѓаните кога законската процедура изгледа безбедна „на хартија“, но во пракса останува ранлива на влијанија и злоупотреби.
Целосната анализа е достапна на: https://licevlice.mk/dekada-na-gjubre-ugostivme-2-2-milijardi-kilogrami-otpad/
Беа спроведени пет интервјуа со релевантни експерти кои го истражуваат спроведувањето на политичкиот интегритет во различни сектори и неговата поврзаност со различни професии и позиции во македонското општество:
- Ана Петровска: Кога инспекторите прават компромиси, загадувањето станува „нормално“
- Марјан Калевски: Кој и како го загадува Скопје стана деловна тајна
- Проф. Ненад Марковиќ: Државата не може да ја реши корупцијата додека самата ја создава
- Ленче Ристоска: Некажнивоста ја нормализира неправдата
- Марија Мирчевска: Корупцијата не е апстрактна: како институционалните слабости ги загрозуваат животите на граѓаните
Со цел ризиците од корупција да станат поприфатливи и разбирливи – особено за младите и маргинализираните групи, ПАБЛИК ангажираше млади уметници (на возраст од 16 до 29 години) да креираат иновативни и визуелно впечатливи материјали кои ги комуницираат прашањата за политички интегритет. Избраните дела беа изложени на јавни изложби – првата во Europe House Струга, а втората во Europe House Велес. Настаните вклучија средношколци, студенти, млади уметници и дизајнери, како и претставници од граѓански организации, младински групи и други локални чинители.
Дискусиите покажаа силен интерес кај младите учесници, нагласувајќи дека политичкиот интегритет не е апстрактен концепт, туку секојдневен избор што директно влијае врз квалитетот на животот. Учесниците отворија прашања поврзани со селективна правда, нормализација на корупцијата, злоупотреба на моќ и разочараност од неисполнети политички ветувања, покажувајќи висок степен на свесност и критичко размислување.
Прва награда за уметничко дело
„Јазол“
Андријана Весовска, Скопје
Корупцијата и непотизмот се испреплетени како црева. Излезот од овој лавиринт без почеток и крај се наѕира на хоризонтот. Патот кон излезот бара храброст да се пресечат нишките. Делото нè поттикнува да ја согледаме состојбата од поинаква перспектива и да побараме акција.
Втора награда за уметничко дело
„Доста ни е!“
Бисера Ќурчинска, Куманово
Сакаме да живееме, а не само да преживуваме. Доста ни е од систем кој ги фаворизира врските наместо знаењето и чесноста. Време е да проговориме и да побараме почит, можности и правда.
„Разбуди сè“
Аника Цветановска, Скопје
Во град полн со заводлива убавина и ветувања што лебдат на хоризонтот, еден лик гледа јасно. Делото е повик да се оттурне тивката покорност, да се симнат розовите очила и да престанеме да веруваме во соништата што ни се продаваат како среќа.
СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА:
„Дишеме изговори“
Климентина Соколовска, Македонска Каменица
Секојдневно „дишеме“ ветувања што исчезнуваат во воздухот: „немаме надлежност“, „се работи на тоа“, „таква е процедурата“… Овие изговори оставaт трага врз нашите животи. Но, сите сме на ист „брод“. Последиците од недостатокот на транспарентност и отчетност ги чувствуваме заеднички.
Во рамки на проектот беше користена и BIRN алатката за ангажман на заедницата, со цел да се обезбеди инклузивен и партиципативен пристап, при што гласовите на граѓаните – особено од недоволно застапени групи, вклучително и младите – директно придонесоа во креирањето на наративот за политички интегритет и отчетност. Во текот на проектот беа собрани 93 одговори од граѓани од целата земја.
Поднесените мислења ги истакнаа загриженостите за недостатокот на политички интегритет, особено во однос на еколошките прашања, загадувањето на воздухот и неговото влијание врз квалитетот на живот, како и други области каде управувањето и отчетноста влијаат врз секојдневието. Собраните податоци активно се користеа за креирање на кампањските содржини, вклучително и двете анализи, анимираното видео и содржините за социјалните медиуми, обезбедувајќи дека пораките се базирани на реални искуства.








