Претставници на Транспаренси Интернешнл–Македонија остварија средба со алумни на Универзитетот Харвард, кои престојуваат во Северна Македонија во рамките на студиско патување низ земјите од Балканот.
Во текот на разговорот, гостите ги споделија своите искуства од досегашните посети на регионот и од престојот во Северна Македонија, при што имаа можност да ги истражат културно-историските знаменитости на земјата и да се запознаат со современите општествени текови.
Средбата беше организирана со цел да се разговара за актуелната состојба во борбата против корупцијата, активностите што ги преземаат различните чинители, како и ефектите од досега спроведените мерки.
Претставниците на Транспаренси Интернешнл–Македонија ги презентираа активностите што ги спроведува организацијата и нејзиниот активен придонес во борбата против корупцијата. Разговорот продолжи со размена на мислења за актуелните случувања поврзани со владеењето на правото и борбата против корупцијата. Посебно внимание беше посветено на состојбите во правосудството и на институциите што активно учествуваат во борбата против корупцијата.
На средбата се разговараше и за процесот на европска интеграција на Северна Македонија, при што беше нагласена важноста на континуираните реформи, исполнувањето на стандардите на Европската Унија и напредокот кон отворање на преговарачките кластери и поглавја во рамките на пристапните преговори со ЕУ.




