Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
========================================================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ОКТОМВРИ 2026 ГОДИНА
Злоупотребувале операции на очи, оштетени 3.000-4.000 пациенти и милионски штети на ФЗО – осомничени 11 лица – Единаесет лица се осомничени, а осум од нив приведени за незаконски постапки поврзани со операции на очи во приватна болница која имала договор со ФЗО. Оштетени се меѓу 3.000 и 4.000 пациенти на кои има се наплаќало двапати. Приватната болница, која е со турски капитал, земала пари и од ФЗО и од пациентите за извршените здравствени услуги. Двајца поранешни директори на фондот се гонат дека во 2020 година заедно со претставник на приватната здравствена установа, склучиле договор спротивно на пропишаните постапки и интерни акти на фондот. „Врз основа на договорот, преку внесување невистинити податоци во електронскиот систем на ФЗО и изготвување фактури со невистинита содржина, здравствената установа наводно наплаќала исти услуги и од Фондот и од пациентите. На пациентите, покрај законската партиципација, им била наплаќано и приватна цена за операциите, при што им било прикриено дека услугите се наплаќаат и од ФЗО.
Виш јавен обвинител е осомничен за примање награда – влијаел врз обвинители и судии во најмалку четири предмети – Во описот за случајот се вели дека тој во изминатиот период ја искористил службената положба за недозволено влијание врз одлучувањето на колеги јавни обвинители и судии во најмалку четири поединечни предмети. Покрај тоа, ургирал за пониски казни или за да обезбеди поповолна позиција за осомничени или обвинети лица во кривична постапка. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе постапка против бивш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола поради сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Еден милион евра наместо на сметка на Државна лотарија завршувал кај две вработени – запленети се брендирани чанти и скапоцени часовници – Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две вработени во Државна Лотарија за „Проневера во службата“. Во текот на цела 2024 година, првоосомничената на позиција директор на Секторот за финансии и сметководство и второосомничената како шеф на финансиски работи во АД за приредување игри на среќа Државна Лотарија презеле повеќе дејствија со намера да прибават за себе противправна имотна корист. Тие присвоиле пари доверени во службата во значителен износ од 79.989.444 денари. Како овластени лица за подигнување на готовински средства наменети за исплата на мали добивки и за уплата на дневниот промет остварен од сопствени продажни места на друштвото, тие целокупниот дневен промет за 2024 година не го уплатиле и не го депонирале на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, туку го присвоиле за себе.
Корупцијата се мери во стотици милиони, конфискацијата — во ситно! – Стотици милиони евра спорна имотна корист се врти низ судските предмети за корупција и организиран криминал, но колку пари се враќаат во буџетот, државата нема јасна слика. Голем е јазот меѓу она што се бара и она што се добива. Ова го нотира ОБСЕ во анализата на предметите за организиран криминал и корупција во периодот од 2024 до 2026 година. Според извештајот, во набљудуваните предмети биле утврдени основи за поврат на имот во вкупен износ од 293 милиони евра, но правосилните одлуки за конфискација на идентификуван и замрзнат имот опфаќаат одвај 2,3 милиони евра. Дополнително, во предмети за кои била донесена правосилна одлука за надомест на штета од неидентификуван имот, наведениот износ изнесува 700.000 евра.
Ревизија на „Мој термин“: Пациенти чекаат со години да дојдат на ред – еден доктор има 198 закажани операции – Пациенти чекаат со месеци и со години за операција, и покрај тоа што во системот „Мој термин“ се води листа на чекање за елективни операции (однапред закажани хируршки зафати кои не се итни), констатира меѓу другото Државниот завод за ревизија во ревизорскиот извештај за тоа дали системот „Мој термин“ придонел за подобрување на квалитетот на здравствените услуги. Ревизорите открија сериозни неправилности во Општина Кичево – Државниот завод за ревизија утврди сериозни неправилности во финансиското работење на Општина Кичево за 2024 година, поради што изрази неповолно мислење за финансиските извештаи и усогласеноста со законските прописи. Ревизорите констатирале недоволна наплата на сопствените приходи, застарени побарувања, пропусти во јавните набавки и реализација на капитални проекти без соодветна документација и стручен надзор. Особено внимание привлекува јавно-приватното партнерство за модернизација на јавното осветлување, со договорна вредност од над 6,1 милиони евра со ДДВ и обврска за исплата во период од 15 години. ДЗР: „Сериозни пропусти во ИТ заштитата на податоците во ПИОМ“ – Фондот за пензиско и инвалидско осигурување работи во минатиот век, покажува ревизорскиот извештај за ИТ секторот и безбедност во ПИОМ. Недостасуваат огромен број на информатичари, речиси нема никаква заштита, стари сервери, компјутери со истечена лиценца на оперативен систем и без антивирус, серверски соби во кои која сака, кога сака може да влезе, никакво ажурирање на безбедносни надградби и огромен ризик за губење на податоци. Ова се само дел од забелешките на ревизорите за работењето на една од клучните државни институции во Македонија. Ревизорите утврдија низ неправилности во работењето на Министерството за јавна администрација – Ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на Министерството за дигитална трансформација за 2024 година утврди неправилности во евиденцијата и управувањето со имотот, непријавени обврски во периодот кога настанале и пропусти во јавните набавки. Според ревизорскиот извештај, пописот на средствата не бил спроведен согласно законските правила, а евиденцијата на основните средства не одговарала на фактичката состојба. Не бил спроведен ниту делбен биланс со Министерството за јавна администрација.
Корупцијата во здравството не се пријавува поради недоверба во системот – предупредуваат експертите – Неинформираноста, несигурноста и ранливоста на пациентите и вкоренетата култура на фаќање „врски“ и давање мито ја „хранат“ корупцијата во јавното здравство. Затоа неопходни се сеопфатни мерки кои ќе ги вклучат и пациентите, и здравствените работници, и надлежните институции во насока на намалување на коруптивните практики. Ова се главните заклучоци од јавните трибини на тема „Корупција во здравството – да зборуваме отворено“, кои ги организираше организацијата ЕСЕ. Истражувањата на ЕСЕ покажаа дека корупција најчесто се бара или нуди за побрз термин за преглед кај специјалист или специфична медицинска услуга, прием кај конкретен доктор и добивање болнички кревет или операција без чекање со месеци, но ретко кога се пријавува.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ОКТОМВРИ 2026 ГОДИНА
Поднесени обвиненија за поткуп и злоупотреби при даночните контроли на “Пулс” и поврзаните фирми – Основното јавно обвинителство Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против шест лица за дејствија на поткуп, злоупотреба на службена положба, оддавање службена тајна и фалсификување, во врска со контролите на Управата за јавни приходи во дискотеката “Пулс” во Кочани и во други поврзани фирми. Обвинителен акт за кривично дело – Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик е поднесен против двајца даночни контролори, од кои еден е обвинет за две вакви дејствија. Тие од третото лице, обвинето за – Давање поткуп од член 358 од Кривичниот законик, побарале и примиле очила и рачен часовник со цел да го информираат за ненајавени вонредни контроли во фирмите каде тој бил одговорно лице
Истрага за давање поткуп на службено лице, предложен притвор – Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Давање поткуп од член 358 став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши, односно да му обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност, без воопшто да поднесе барање за лиценца и во услови кога знаел дека неговиот објект не исполнувал законски услови.




