Објавено од работната група на Транспаренси Интернешнл за COVID-19 вакцини
7 мај 2021
Здравствената криза предизвикана од COVID-19 веќе го чинеше човештвото безброј животи. Драматично ја зголеми корупцијата во јавните набавки и пристапот до здравствена заштита и го загрози владеењето на правото и граѓанскиот простор во многу држави.
Ефективната борба против COVID-19 повикува на глобални колективни мерки за да се обезбеди дека никој нема да биде оставен. Ова претставува етички императив како и императив за одржливост за нашите општества.
Исто така претставува единствениот начин да се справиме со глобалната закана предизвикана од пандемијата, поради тоа што ниедна држава и ниедна личност нема да биде заштитена доколку не се сите заштитени.
Благодарение на научното истражување и иновациите, COVID-19 вакцините беа развиени во рекордно време и кампањите за вакцинација во богатите држави започнаа во декември 2020 година.
Дури и пред авторизацијата на вакцините, фармацевтските компании потпишаа неколку договори со владите од земјите со висок и среден приход низ целиот свет со што се посветија да обезбедат милијарди дози. Всушност, тоа што државите го купуваа не беа дозите, туку очекувањата за добивање на тие дози. Недостатокот на транспарентност и клаузулите за доверливост коишто се вклучени во договорите им овозможија на властите да соопштат дека милиони граѓани за брзо време ќе бидат имунизирани. Сепак, во многу држави, ова ветување остана неостварено.
Фармацевтските компании ги преценија нивните производствени капацитети, што резултираше со драматичен недостаток на достапни вакцини. Дури и богатите држави се пожалија за неостварените договори. Поради недостатокот на вакцини, земјите за производство го ограничија или забранија извозот на вакцини додека нивните локални потреби не беа задоволени. Резултатот беше очигледен нееднаков пристап до вакцини, со разочарувачки ефекти на животите и егзистенцијата во многу држави.
Од мај 2021 година, околу 80 проценти од вакцините произведени на глобално ниво се администрирани во богати земји и земји со среден приход. Спротивно на тоа, се проценува дека некои сиромашни земји нема да бидат масовно вакцинирани за да достигнат „имунитет на стадото“ до 2024 година. Во меѓувреме, вирусот продолжува да мутира и се појавуваат нови варијанти кои ја забрзуваат заразата и го зголемуваат бројот на смртни случаи.
Затоа, од суштинско значење е да се отстранат правните бариери што го попречуваат зголемувањето на глобалното производство на вакцини. Доброволното лиценцирање на локалните компании од носителите на имотни права се покажа како недоволно. Задолжителното лиценцирање на локалните компании од страна на владите без согласност на носителите на правата на сопственост е законски и политички комплицирано и одзема многу време. Светската здравствена организација (СЗО) го создаде COVID-19 Technology Action Pool (C-TAP) за поттикнување на технологијата за вакцини и споделување на знаење, но ниту една од компаниите што произведуваат вакцини не се пријавија.
Индија и Јужна Африка доставија предлог до Светската трговска организација (СТО) со кој се бараат олеснувања во врска со COVID-19 вакцините за зголемување на глобалното производство на вакцини – барање поддржано од повеќе од 100 земји, СЗО, Високиот комесар за човекови права на ООН, Комитетот за економски, социјални и културни права на ООН, како и бројни академски организации и организации за човекови права. На 5 мај, администрацијата на американскиот претседател Бајден објави дека „силно верува во заштитата на интелектуалната сопственост, но во функција на ставање крај на оваа пандемија, го поддржува откажувањето од заштитата на COVID-19 вакцините“.
Време е СТО да се договори за привремено откажување на лиценцата за вакцини и третмани COVID-19.
Како што повеќе од 80 поранешни шефови на држави и влади и Нобелови лауреати напишаа во отворено писмо до американскиот претседател Бајден на 14 април: „Олеснување од СТО е витален и неопходен чекор за ставање крај на оваа пандемија. Мора да се комбинира со осигурување на знаење и технологија за вакцинирање кои се споделуваат отворено. […] Овие активности ќе го прошират глобалниот производствен капацитет, непречен од индустриските монополи кои предизвикуваат огромен недостиг на снабдување блокирајќи го пристапот до вакцините.“
Транспаренси Интернешнл го поддржува ветувањето од Алијансата за вакцини на луѓето. Како што изјави носителот на Нобеловата награда, професорот Мухамед Јунус: „За богатиот свет, овој предложен чин на човечка солидарност да се осигура дека лековите и вакцините истовремено ќе стигнат до семејствата е во нивен личен интерес, а не само чин на добротворен гест“.
Транспаренси Интернешнл ги повикува земјите-членки на СТО да се договорат за привремено запирање на заштитата на интелектуалната сопственост на COVID-19 вакцините и третман.