На 7-ми декември 2023, Транспаренси Интернешнл- Македонија го одржа настанот: “Cost-benefit” анализа на антикорупциските политики: Која е цената на борбата против корупцијата? Настанот го отвори Претседателката на Транспаренси Интернешнл- Македонија, г-ѓа Тасева заедно со Заменик Амбасадор на Делегацијата на Европската Унија Бен Нупнау и Амбасадорката на Швајцарија, Н. Е. Вероник Хулман. Тие се осврнаа на поддршката на меѓународната заедница за македонските институции и организации во борбата против корупцијата.
По отварањето на настанот, беше презентирана анализата за трошоците на борбата против корупцијата од страна на Алекс Холмс. Холмс потенцираше дека за да се има подобар увид во средствата кои се добиваат од меѓународната заедница и нивната ефективна искористеност во подобрување на владеењето на правото и борбата против корупцијата потребно е постоење на централизирана база на податоци која ќе биде навремено ажурирана. Овие информации треба да бидат јавно достапни, како би се подобрила и транспарентноста на институциите. Исто така и секоја институција треба да има информации за проектите што ги спроведува и кои се резултатите од истите. Постоењето на ваков тип на информации и бази на податоци ќе придонесат подобра координација каде се навистина потребни средства и кои области треба да се унапредат.
Во последната сесија говорници беа Максим Ацевски, главен државен ревизор, Државен завод за ревизија и Александар Кржаловски, директор на МЦМС, кои се осврнаа на темата „Користењето на меѓународната финансиска помош во борбата против корупцијата“. Г-динот Ацевски посочи дека 95% од средствата за активности доаѓаат од меѓународни фондови. „Државниот завод за ревизија соработува со 6-7 донатори и ние никогаш не ги повторуваме истите проекти и активности со повеќе донатори.“ Тој исто така се надоврза дека Државниот завод за ревизија во нивните извештаи транспарентно ги објавува износите и имињата на донаторите, во кои е видливо кој донатор помогнал и во кои активности.
Директорот на МЦМС, Александар Кржаловски истакна дека интегритетот на личноста е особено важен за фунционалноста на институцијата. Тој исто така потенцираше дека неказнивоста рефлектира за нефукнционалост на системот.
Презентираната анализа е достапна на следниот линк: NIS Pillars – A cost-benefit analysis