Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските чинители и со текот на времето прерасна во релевантен показател на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
========================================================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ОКТОМВРИ 2025 ГОДИНА
Суспензии и предистрага: Се шири истрагата за „Пулс“ – УЈП суспендираше неколкумина вработени, откако Јавното обвинителство води предистрага за пожарот во дискотеката во Кочани со нови докази, со која се опфатени повеќе институции. „Со поднесувањето на обвинението за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, не завршија и истражните постапки за други инкриминирачки дејствија поврзани со други лица и институции“, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Разрешен апелацискиот судија Енвер Беџети кој беше ставен на американската црна листа – Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети од Апелацискиот суд Скопје. Тој лани се најде на црната листа на САД под сомнежи дека зел мито за судскиот процес за масовното прислушување во кој беше обвинет поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Во образложението на советот пишува дека е разрешен поради потешка дисциплинска повреда со што тој е недостоен за функцијата – судија.
Само третина од учесниците во изборната кампања поднеле извештаи за донации – Извештаи за примени донации доставија 35 отсто од вкупниот број на учесници во изборната кампања, соопшти Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). „Согласно рокот за доставување на Извештај за примени донации на трансакциска сметка за изборна кампања, за период од отвoрање на сметката до 11-от ден од изборната кампања односно заклучно со 9 октомври 2025 година до 24 часот, до ДКСК се доставени вкупно 61 извештаи, што изнесува нешто над 35 отсто од вкупниот број на учесници во изборниот процес“, соопшти ДКСК.
Владеењето на правото во Македонија стагнира – Македонија годинава е на 64 место од вкупно 143 земји на светската листа за владеење на правото, во друштво со Гана, Аргентина, Казахстан и Монголија. Според критериумот ограничување на моќта на властите, земјата е на 80 место со оценка 0,50, според отсуството на корупција на 69. место со индекс 0,47, а според транспарентност на Владата на 66 место со оценка 0,51. Според основните права на 53-та позиција со оценка 0,63. Кога станува збор за критериумот ред и безбедност, Македонија на 44-то место со оценка 0,80, според спроведување на регулативи на 89-та позиција со 0,46, според граѓанска правда на 78 место со индекс 0,51 и според кривична правда на 70 место со 0,46 поени. Проектот на Светскиот проект за правда (World Justice Project) Индекс на владеење на правото е светски извор на оригинални, независни податоци за владеење на правото и алатка за унапредување на реформите за владеење на правото, глобалниот развој и деловните инвестиции низ целиот свет.
Ревизија: „Пошта“ со загуби и зголемен број на вработени – Државни „Пошта на Македонија“ повторно на удар на ревизорите поради континуирани финансиски загуби и зголемени трошоци за ангажирање лица по договор. И покрај намалените трошоци за плати, во 2024 година бројот на вработени пораснал на 2.267 лица, додека трошоците за хонорарци скокнале за речиси 29 милиони денари споредено со претходната година. Ревизорите нотираат и сомнежи околу наплатливост на побарувања во висина од над 50 милиони денари и преценети приходи од поштенско работење со странство.Во извештајот се истакнува дека понатамошното функционирање на „Пошта“ зависи од финансиската поддршка од државата, поради високите трошоци и сè поизразениот недостиг на ликвидност.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ОКТОМВРИ 2025 ГОДИНА
Истрага за злоупотреби и малтретирање во приватни установи за сместување стари лица – Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица осомничени за кривични дела – продолжена Злоупотреба на службената положба и овластување. Со дејствијата што ги координираше јавниот обвинител обезбедени се докази со кои се потврдува основано сомнение дека двете осомничени, во својство на сопственички и овластени лица на две приватни установи за социјална заштита на стари лица во Скопје, постапувале спротивно на Законот за социјална заштита и со намера да прибават за себе имотна корист потешко ги повредиле правата на згрижените лица.
Нова истрага за злоупотреби во РЕК Битола – Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола. Со предистражните дејствија се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека петмина осомничени – службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.
Притвор за шестмина и мерки на претпазливост за петнаесет приведени во случајот со прилепската болница – Основното јавно обвинителство Прилеп до прилепскиот Суд за случајот со Општата болница во Прилеп поднесе предлози за притвор за шест лица, за 15-тина мерка за претпазливост и за шест до седум правни лица – од Прилеп, Битола, Скопјe предлог за изрекување забрана за учество во постапки за јавни набавки. Се истражуваат наводи за финансиски малверзации, фиктивни набавки и злоупотреби на јавни средства.
Кривична пријава против поранешен раководител во ЈП „Национални шуми“ – Битола – СВР Битола поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Според пријавата, осомничениот, во својство на поранешен раководител во ЈП „Национални шуми“ -подружница „Кајмакчалан“ Битола, во текот на 2023 година не постапил согласно своите службени овластувања. Наместо да ја следи реализацијата на договорот склучен помеѓу ЈП „Национални шуми“ – Скопје и пилана во село Дихово и да не дозволи испорака на техничко дрво пред извршена авансна уплата, тој овозможил испорака на дрвна маса без претходно плаќање. Со таквото постапување, како што се сомничи, на приватниот правен субјект му овозможил да се стекне со материјална корист, а на јавното претпријатие му била нанесена штета во износ од 321.765 денари.




