Иднината на предметот „Бачило“ од пред неколку дена се наоѓа во рацете на Врховниот суд, откако Јавното правобранителство побарало целосна ревизија на случајот, а Јавното обвинителство го уважило барањето за заштита на законитоста. Со тоа, од Врховниот суд зависи дали ќе се повтори судењето за случајот „Бачило“. Од Јавното правобранителство потврдуваат дека ги искористиле сите вонредни правни лекови за да се повтори постапката за случајот „Бачило“, со оглед на текот на настаните што се случија во последниов месец. Јавното обвинителство го уважило барањето за заштита на законитоста минатата недела, па во Врховниот суд набргу ќе се донесе конечна одлука. И скопскиот Основен суд 1 и Апелацискиот суд досега ги одбија барањата за повторување на постапката за случајот „Бачило“ што ги поднесе Јавното правобранителство. Конечната одлука, по вонреден правен лек, ќе ја донесе Врховниот суд. |
Дане Илиев, претседател на судот, веќе побара од судскиот совет разрешување на судијката Снежана Попчевска за нестручно и несовесно водење на случајот. Засега е неизвесно дали Апелацискиот суд или судскиот совет ќе го предложат истото и за трите апелациски судијки што ја потврдија меѓупресудата што ја донесе Попчевска. Станува збор за судијките Виолета Муратовска-Николовска, Зуица Наумова и Вера Маркова, која во меѓувреме станала судијка во Уставниот суд. Судски извори тврдат дека е мала веројатноста одговорност за случајот „Бачило“ да сносат апелациските судии, а министерот за правда Михајло Маневски вели дека најпрво треба да се формира судскиот совет во полн состав, па потоа да се отвори прашањето за нивната евентуална одговорност.
Освен за нестручно и несовесно работење, за судијката Попчевска се води и постапка во Управата за јавни приходи. Како што веќе објавивме, на нејзината штедна книшка биле уплатени 38.000 евра четири месеци по донесувањето на пресудата за случајот „Бачило“. Судијката не ги пријавила парите во УЈП и во Антикорупциската комисија, а ги извадила од штедната книшка истиот месец кога се обелодени случајот во јавноста. Дознаваме дека УЈП веќе води даночна постапка, со оглед на тоа што Попчевска не платила данок на добивка за парите. Таа на прес-конференција тврдеше дека парите ги добила како наследство од родителите.
Извор: Време |