Претседателот на Transparency International – Macedonia, Благоја Пандовски, беше модератор на панел-дискусијата „Превенција на корупција и улогата на антикорупциските институции, одржана во рамки на Регионалната конференција за превенција на корупција и проценка на ризици од корупција.
Конференцијата беше организирана во ко-организација на Chartered Institute of Public Finance and Accountancy (CIPFA) и Државниот завод за ревизија, а на панел-дискусијата учествуваа директори, претседатели и високи претставници на антикорупциските институции и комисии од земјите на Западен Балкан.
Дискусијата претставуваше значајна регионална платформа за размена на искуства и институционални практики во областа на превенцијата на корупцијата, со посебен фокус на институционалниот интегритет, проценката и управувањето со корупциските ризици, меѓуинституционалната координација и регионалната соработка.
Како модератор, Благоја Пандовски ја насочи дискусијата кон конкретните предизвици со кои се соочуваат антикорупциските институции во регионот, како и кон потребата превентивните механизми да се засноваат на реална идентификација на ризиците и навремено преземање конкретни мерки.
Посебен акцент беше ставен на ефективната координација и размената на информации меѓу антикорупциските институции, ревизорските тела, обвинителствата, полицијата и другите релевантни институции, како предуслов за поефикасен систем на превенција и спречување на корупцијата.
Во рамки на дискусијата беше отворено и прашањето за унапредување на регионалната соработка во Западен Балкан, особено во однос на размената на податоци и добри практики, методологиите за проценка на корупциските ризици и препознавањето на прекуграничните ризици од корупција.
Учеството на претседателот на Transparency International – Macedonia како модератор на панелот претставува уште една потврда за активната улога на организацијата во регионалниот антикорупциски дијалог и нејзината посветеност кон унапредување на транспарентноста, институционалниот интегритет, отчетноста и превенцијата на корупцијата.
Transparency International – Macedonia продолжува да придонесува кон создавање посилни антикорупциски механизми и продлабочување на институционалната и регионалната соработка во борбата против корупцијата.





