27.01.2007 Владата не даде отчет колку буџетски пари се потрошени и уште колку ќе се потрошат за нејзините медиумски кампањи: „100 дена Влада“, „Плаќајте даноци“, „Инвестирајте во Македонија – нов бизнис-рај во Европа“, „Македонија – земја на информатичари“. Не се знае ни колку ќе чинат патувањата и престојот на министрите за странски инвестиции и тие за ангажман на консултантски куќи што ќе лобираат за Македонија. За реклами на „Даночниот рај“ во 50 тиражни весници од 35 земји, премиерот Груевски процени дека трошокот ќе биде најмногу еден процент од првата инвестиција. Беше спомената и сума од околу 100.000 евра, но неофицијално. За „Плаќајте даноци“ биле искористени старите спотови, снимени во 2001 година, но останува тајна сумата потрошена за закуп на рекламниот простор. |
Експертите ја поддржуваат владината иницијатива, но сметаат дека е грешка нетранспарентната реализација на кампањите. – Отчет мора да има. Владата треба да ги каже трошоците, бидејќи во спротивно се соочува со опасност да се намали вредноста на проектите што можеби се добри за земјата – вели Слаѓана Тасева, претседател на програмскиот совет на „Нулта корупција – транспарентност“. Таа додава дека Владата се' уште не одговорила ниту на барањето на антикорупциската комисија за парите потрошени за „100 дена Влада“. За економска промоција на земјава, во Буџетот се предвидени 4 милиони евра. Дополнителни 3,4 милиони Владата планира годинава да потроши за привлекување странски директни инвестиции и за развој на слободната економска зона „Бунарџик“.
Извор: Дневник |