Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
====================================================================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ АВГУСТ 2026 ГОДИНА
Недостигаат 67 обвинители, во три града нема ниту еден – годишни извештаи на обвинителството и Советот на јавни обвинители за 2025 година – Јавното обвинителство во 2025 година работело со 67 обвинители помалку од предвиденото, а и покрај зголемувањето на кадарот за речиси 10 проценти во текот на годината, резултатите во ажурноста не се подобриле. Ова го покажуваат годишните извештаи на Јавното обвинителство и Советот на јавните обвинители кои се најдоа пред собраниската Комисија за политички систем. Најалармантна е состојбата во дел од помалите обвинителства. Берово, Делчево и Свети Николе повеќе години функционирале без основен јавен обвинител, а во дел од нив работел само по еден обвинител. Академија без студенти, правосудство без судии — деветтата генерација пропадна, нова нема – Анализите покажуваат дека недостигаат и судии и обвинители, но пари за нови кандидати сè уште нема. Новата директорка на Академијата, Ирина Трајкоска-Стрезоски, вели дека се чека на законски измени, а Европската комисија прогнозира дека нови судии и обвинители ќе нема пред 2028 година. Академијата што беше основана да обучува судии и обвинители како филтер што мора да го помине идниот правосуден кадар, од почетокот на 2025 година е без студенти.
Милиони за партиите, ДКСК предупредува на ризици – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) утврди коруптивни регулаторни ризици во повеќе одредби од Законот за финансирање на политичките партии. Проверката била спроведена по сопствена иницијатива на Комисијата и во согласност со Антикорупцискиот план за проверка на легислативата за 2026 година. Комисијата предлага преиспитување на член 10 од Законот, кој го уредува начинот на распределба на средствата за финансирање на политичките партии што се обезбедуваат од државниот буџет.
Овој член е предмет на чести критики од јавноста и регулаторните тела. Тој предвидува „средствата за финансирање на политичките партии, во износ од 30% што се обезбедуваат од Буџетот се распоредуваат подеднакво на сите политички партии кои освоиле најмалку 1% од вкупниот број од гласовите на избирачите кои гласале на последните одржани избори“. Исто така, средствата за финансирање на политичките партии, во износ од 70% што се обезбедуваат од Буџетот се распоредуваат на политичките партии чии кандидати се избрани за пратеници во Собранието на последните одржани избори за пратеници, сразмерно на бројот на избраните пратеници и на политичките партии чии кандидати се избрани за советници на последните одржани локални избори, сразмерно на бројот на избраните советници.
Студентскиот дом „Пелагонија“ купил кујна од 23.000 евра што никаде ја нема, набавувал храна по изгор-цена – Повисоки цени од пазарни, користење пари за приватни цели, сервисирање машина за садови што е вон употреба, непотребна набавка на душеци – се дел од забелешките на ревизорите. Невоспоставени внатрешни контроли, слабости во јавните набавки преку набавки по цени повисоки од пазарните и набавки без оправданост, како и исплати без соодветна документација се утврдени во работењето на државниот студентски дом „Пелагонија“ Скопје, што предизвикува несоодветно користење на јавните средства, информираше Државниот завод за ревизија.
94 функционери казнети со по 300 евра за непријавување на имотната состојба – Државната комисија за спречување на корупцијата на 29 јули изрекла 94 глоби од по 300 евра на избрани и именувани лица кои во законски предвидениот рок не поднеле изјава за имотна состојба и интереси. Вкупната вредност на изречените глоби е 28.200 евра. Меѓу казнетите има поранешни градоначалници, директори на јавни претпријатија, општински советници, директори на установи, членови на управни и надзорни одбори, судии и други избрани и именувани лица.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ АВГУСТ 2026 ГОДИНА
Поднесено обвинение за злоупотреби во АД “Државна лотарија” – Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против вкупно 8 лица како соизвршители во кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик. Обвинетите, во текот на 2023 и 2024 заеднички презеле дејствија со кои ги пречекориле границите на своите посебни овластувања и должности, со намера да му нанесат штета на оштетеното правно лице Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија во значителна вредност од 507.632.173 денари. Тие биле свесни дека Акционерското друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државава, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнало со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото. И покрај тоа, првиот обвинет генерален директор и претседател на Управниот одбор на “Државна лотарија” на 09.05.2023 година, до третиот обвинет – Генерален секретар на Владата на РСМ доставил Информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување на електронските игри на среќа.
Kriminal.mk ги претвора полициските билтени во прегледни податоци – Kriminal.mk е агрегатор на податоци за криминалот во Македонија. Податоците се собираат од Министерството за внатрешни работи. Главен извор е дневниот билтен на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. Овие билтени се ажурираат секојдневно и потоа податоците обработуваат и се креира прегледен графички приказ на криминалот во Македонија. Токму графичката прегледност е главната придобивка која корисниците ја имаат од Kriminal.mk. Покрај овие средни вредности Криминал има одлична функционалност преку куп додадени филтри. Покрај периодот и локацијата, додаден е и филтер за статуси со кој настаните може да се поделат според повредени, починати и уапсени. Платформата криминал е креирана од Tehnika.mk, a идејата е да се зголеми јавното сознание за криминалот во Македонија.




