01.02.2007 Воспоставување на етички кодекс и следење на меѓународните деловни принципи е целта на денешната работилница што ја организира „Нулта корупција”. Работилницата, која се одржа во Клубот на пратениците, е посветена на темата ”Подобрување на корпоративниот менаџмент за нулта толеранција за корупцијата”, а денеска се организира во рамки на индустрискиот сектор. Идејата на оваа работилница, според претседателката на Програмскиот совет на „Нулта корупција“ Слаѓана Тасева, е неодамна потпишаната Декларација за нулта толеранција за корупцијата, „да не остане само на хартија“. Особен акцент, според Тасева, треба да се стави на заложбите за транспарентен менаџмент, зајакнување на етичкото управување, транспарентност во работењето и подобрување на корпоративното управување. |
Професорот Панче Јовановски, кој учествуваше во денешната дискусија, даде краток осврт на светските економски прилики и посочи дека „новата Студена војна е се посуптилна, а во неа мозоците војуваат со мозоци“. „Колку е помало нивото на знаење толку е поголема можноста за цутење на коруптивниот пиреј“, истакна Јовановски, кој потенцираше дека Македонија, како и другите држави во светот, треба да го искористи знаењето како одлучувачки фактор. Денешната работилница е втора по ред, а предвидено е одржување на шест вакви проекти, финансирани од Норвешката амбасада. Минатата недела се одржа работилница со претставниците од трговскиот сектор. Како најголеми локални проблеми при соочувањето во борбата со корупцијата, тогашните учесници ги посочија приликите во судството, Министерството за транспорт и врски, Катастарот, Полицијата и Царината.
Извор: Макфакс |