15.02.2007 Вкупно 516 барања за добивање информации од јавен карактер, претежно од финансиска сфера, се упатени до имателите на информации во последните пет месеци откако стапи во сила Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, информира на вчерашната прес-конференција Јанко Николовски, претседателот на комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Комисијата досега регистрирала 435 иматели на информации, но има подготвено список за над 1.200 и континуирано работи на обработка на податоците, рече Николовски, оценувајќи дека најголемиот проблем е што комисијата мора сама да ги бара имателите на информации и оти се ретки случаите некој сам да се изјасни дека е имател на информации. Ова е терен на кој имаме ограничени овластувања и може само да поднесеме прекршочни пријави, укажа претседателот на комисијата. Според Николовски, не е мал бројот на институциите или носители на јавни функции кои одбиваат да дадат информации со образложение оти не подлежат на одредбите од Законот за слободен пристап до информации. Таков е примерот со Нотарската комора и повеќе подрачни експозитури на јавни институции. |
Најголемиот број од 513-те барања за информации, како што информира Николовски, се упатени до општините, Министерството за труд и социјална политика, МВР, Управата за јавни приходи, градот Скопје, Топлификација, Министерството за транспорт и врски, Основниот суд Скопје 1 и до народниот правобранител. Според анализата на комисијата, граѓаните најмногу бараат информации од финансиска сфера, односно 45 проценти од вкупно поднесените барања се однесуваат на информации за тендери и други распределени средства и нивно трошење. Податоци за веќе подготвени и издадени документи се предмет на интерес во 25 проценти од барања. Климе Бабунски од невладината организација „Промедија“ на прес-конференцијата оцени дека се уште не е постигнат голем исчекор во слободниот пристап до информациите. Државните институции, забележа Бабунски, се уште одговараат со мислење, кое како форма е надвор од тоа што го пропишува Законот и кое докажува за софистицираниот начин за одбегнување на доставувањето на информациите.
Извор : Време |