06.03.2007 Невиден скандал е она што го направи соодветната комисија за распределба на социјалните станови при Министерството за транспорт и врски. Наместо на оние за кои се наменети, тие се дадени на началници, директори, инспектори, лица кои веќе имаат станови, нивните родители имаат трикатни куќи, па дури и на дебарчани кои работат во Скопје, обвини градоначалникот на Дебар, Аргетим Фида, на средба со новинарите. Според него, постојат непобитни докази дека оние кои добиле стан се послужиле со измама, трансферирајќи ги куќите или становите на име на нивните родители за да докажат дека немаат покрив над главата. „Каква е оваа правда“, со солзи во очите вели Абедин Дани, кој откако пред повеќе од две години до темел ја загуби куќата од лизгање на земјиштето во населбата Ваков, сега со старата болна мајка, сопругата и со трите малолетни деца живее кај пријател, кој му отстапува соба на кратко време. „Зошто не дојде некој од комисијата да ја види реалната состојба. На улица сум, тежок социјален случај, ако најдам работа – ќе однесам дома нешто за децата, ако не – тогаш, кажете ми, како да живеам со две илјади денари социјална помош. Ќе одиме и кај претседателот Црвенковски и кај премиерот Груевски, нека знаат како им работи администрацијата“, додава тој. |
Дани и неколку други одбиени граѓани, меѓу нив семејствата Данко, Мартиновски, Василевски, четири самохрани мајки, кои буквално се на улица, велат дека ќе ја блокираат зградата на Советот. И незаинтересираните граѓани за стан не можат да се начудат на ваквата одлука на комисијата. Имотната состојба граѓаните на Дебар меѓу себе си ја познаваат, тоа е мал град и секој знае за секого што има, а што нема, велат дебарчани. Локалната самоуправа упати вчера барање до Министерството за транспорт и врски уште еднаш да се разгледаат документите и становите да ги добијат оние што ги заслужуваат.
Извор: Утрински весник |