04.05.2007 Најмалку 75 милиони евра ненаменски и спротивно на законите потрошиле во текот на 2004 и 2005 година Собранието, повеќе јавни претпријатија, здравствени центри, општини и други буџетски корисници, утврдиле ревизорите во Државниот завод за ревизија по контролите извршени во минатата година. Парите на граѓаните без посебни критериуми се делеле за исплата на повисоки плати од пропишаните, за надоместоци врз основа на договор на дело, хранарина и на работи што воопшто не биле планирани во рамките на внатрешните буџети на институциите. |
Ревизиите за работата на Градската библиотека „Браќа Миладиновци”, „Медицинскиот центар Тетово”, јавното претпријатие „Комунална хигиена”, „Водовод и канализација” и струшкиот „Фонд за локални патишта и улици” покажала дека овие субјекти спротивно на законот во текот на 2004 година за исплата на услуги по договор на дело потрошиле повеќе од 200.000 евра. Слична сума, или околу 188.000 евра, биле потрошени за незаконска исплата на плати, надоместоци и хранарина на советници, градоначалници и лица на службен пат во повеќе единици на локалната самоуправа. Во вкупно 42 ревизии на финансиските извештаи за 2004 година, ревизорите утврдиле дека без законска основа, намена и веродостојна документација биле потрошени безмалку 200.000 евра.
Извор: Време |