24.01.2008 Mакедонска владина делегација денеска во Брисел на состанок со претставници на Европската комисија (ЕК) треба да ги образложи измените на законот за енергетика.
Делегацијата ја предводи вицепремиерот Зоран Ставрески, а во неа се вклучени претставници од Комисијата за заштита на конкурентноста, Регулаторната комисија, министерството за економија, како и претставници на компаниите ЕЛЕМ и МЕПСО.
„Тоа е технички состанок на кој што ќе ги претставиме аргументите дека измените во законот не ги нарушуваат европските директиви“, изјави вицепремиерот Ставрески.
Тој не сакаше да прогнозира околу крајниот исход на средбата, изразувајќи уверување дека аргументите се на македонска страна.
„Предложените измени се во функција на започнатиот процес на зголемување на конкуренцијата во енергетскиот сектор и продолжување на процесот за либерализација“, рече Ставрески.
Претходно Брисел изрази сериозна загриженост, а од опозицијата и дел од експертската јавност имаше остри реакции и оценки дека со новиот закон ЕЛЕМ се става во фаворизирана положба.
Извор: Макфакс