26.01.2007 Владата сепак ќе мора да ги смени новините во Законот за енергетика кои создаваат монополска позиција за „Електрани на Македонија“, велат извори од Брисел. Според нив, за овој дел од законот имало сериозни критики од Европската комисија и тој ќе мора да се усогласи со европското законодавство.
Во оваа насока е и изјавата на Кристина Наги, портпарол на еврокомесарот за проширување Оли Рен. Таа вели дека се потребни амандмани во законот кои ќе ги следат европските директиви. Наги истакна дека Брисел нуди помош за ова прашање и информира дека предложените амандмани од Владата повторно ќе бидат разгледани. Според неофицијалните информации, Брисел укажал дека ЕЛЕМ не смее да стане монопол со тоа што ќе добие право да произведува струја и да управува со електроенергетскиот систем. МЕПСО во такви услови само ќе врши пренос на струја. ЕСМ-ЕВН пак директно ќе ја купува електричната енергија од ЕЛЕМ.
Од ЕСМ-ЕВН вчера реагираа на изјавата на вицепремиерот Зоран Ставрески дека државата веќе нема да ги покрива комерцијалните загуби на струја на компанијата.
– Државата не ги ни покриваше загубите. ЕСМ-ЕВН целосно ја плаќа струјата што ја набавува од државата и од трговците. Ако испорачаната енергија не ја фактурира, компанијата си прокнижува загуби – велат во ЕСМ-ЕВН.
Според Ставрески, во Брисел е договорено да се најде решение за потпишување билатерален договор меѓу ЕВН и ЕЛЕМ за снабдување на тарифните потрошувачи. Во него јасно ќе се дефинира дали ЕВН има обврска да ја купи целата струја за домаќинствата од ЕЛЕМ без да се формира посебно правно лице меѓу нив.
Извор: Дневник