18.06.2010 „Од согледувањата од аналитиката, корупцијата најмногу се појавува во правосудството, царината и администрацијата, но сепак ја има во сите области и тоа е загрижувачки“, изјави денеска претседателот на Антикорупциската комисија, Илми Селами.
На третата годишна конференција за оценка на остварувањето на Државната програма за превенција и репресија на корупција, која што се одржа денеска во Скопје беше заклучено дека е потребно да се анимираат сите чинители во државата и општеството и активно да се вклучат во процесот на борбата против корупцијата.
Селами рече дека е потребно отварање на широк фронт против корупцијата за борбата да биде успешна.
Слаѓана Тасева од Транспарентност-нулта корупција, рече дека се уште не се спроведуваат доволно активностите за борба против корупцијата. Според неа треба да се подобри соработката меѓу институциите за да се зајакне ефикасноста на борбата против корупцијата.
„Ги гледаме истите проблеми што ги гледавме уште кога почна да работи Државната комисија за спречување на корупција, што значи дека се уште треба да се подигне капацитетот на институцијата. Ги донесовме законите во Република Македонија, имаме многу добра правна рамка на борба против корупцијата, но се уште треба да се подобрува ефикасноста“, изјави Тасева.
Слабоста на антикорупциска според Тасева, е тоа што оваа институција не може сама да ја остварува борбата против корупцијата. Борбата мора да се води во рамки на повеќе сектори и не само преку репресија туку преку превенција и градење на механизми за заштита.
За министерот за правда Михајло Маневски, направен е прогрес во борбата против корупцијата, пред се како што рече во јакнењето на капацитетот на институциите. Маневски изјави дека од големо значење за борбата против корупцијата е законската рамка која постојано се надоградува.
Извор: Макфакс