04.04.2014 Фирми, физички лица, кандидати за пратеници, заменици министри, градоначалници, директори на акционерски друштва – ова е структурата на донатори во извештаите на политичките партии за 2013-та година.
Иако законскиот рок беше 31 март, годинишните извештаи од политичките партии за добиени донации на веб страната на Управата за јавни приходи, се објавија дури денеска.
Според податоците од УЈП, лани најмногу донации имала владејчаката ВМРО-ДПМНЕ. По овој основ во партсиката каса на ВМРО-ДПМНЕ се слеале 185.000 евра. На листата како донатори се јавуваат кандидати за пратеници за претстојните парламентарни избори, како Васил Пишев и Славе Гошев, Маја Стојановска.
Веднаш зад неа, е албанската партија ДУИ, која минатата година по основ на донации остварила приходи од околу 90.000 евра. На контото на ДУИ најмногу донирале актуелни функционери, како вицепремиерорт Фатмир Бесими, министерот за одбрана Талат Џафери, замениците министери Сафет Незири, Џелал Бајрами, лидерот на партијата Али Ахмети, градоначалниците Нефзат Бејта, Беким Мурати, акционерското друштво Македонски пошти, чии директор Рафиз Алити е кандидат за пратеник на парламентарните избори, потоа носителот на петата изборна единица Неџати Јакупи, како и дел од актуелните пратеници. На партијата на Ахемети пари донирале и членовите на комисијата за лустарција предложени од ДУИ – Даут Даути и Шпенд Винца.
Опозциската СДСМ, минатата година во касата имала околу 5.720 евра од донатори. Најмногу пари во партиската каса на СДСМ, стигнале од екс лидерот на партијата Бранко Црвенковски. Како донатор се впишал и пратеникот Стојко Пауновски, кој ја носи пратеничката листа на СДСМ во 6-ката.
ДПА пак на Мендух Тачи, нема доставено финансиски извештај за нивните донации за минатата година.
Дел од помалите политички партии според доставените извештаи до УЈП, лани не оствариле приходи по основ на донации. Дел од онив пак калкулираат со помали суми по основ на донации од големите партии.
Но регистерот на донации е само дел од вкупните приходи на сметката на партиите. Во вкупниот финансиски извештај на една партија по основ на приходи влегуваат и приходи од дотации подароци, прилози, пари, материјални средства, опрема, услуги, сопствени приходи, членарина, легати и друго.
Извор: 24 Вести