25.04.2018 Транспаренси Интернешнл – Македонија изразува загриженост поради нетранспарентност и други бројни воочени неправилности кои ја карактеризираат стечајната постапка на Фени Индустри АД Кавадарци и укажуваат на оправдан сомнеж за коруптивно однесување од страна на стечајниот управник и стечајниот судија за кои поднесе кривична пријава, како и на други функционери, лица во банките – доверители и останати лица вклучени во неа.
Транспаренси Интернешнл – Македонија одблиску ја следи стечајната постапка откако доби веродостојни информации кои го оправдуваат сомнежот за постоење на одредени неправилности во неа, па поради нивно надлежно испитување одлучи да поднесе кривична пријава против стечајниот управник Мирослав Анастасиевски и стечајниот судија Валентина Ѓоргиевска за дело злоупотреба на службената положба и овластување. Имено, стечајниот усправник Мирослав Анастасиевски на 03.01.2018 година објавил „Оглас за прибирање на писмени понуди за склучување на договор за преработка на никелова руда„, кој оглас содржи недоволно одредени услови врз основа на кои би можел да се изврши селекција на понудите и одбирање на најповолната, но содржи услови со кои за одредено правно лице понудувач се создава состојба на предодреденост и му се дава неоправдана предност. Потоа врз основа на селективно прифилираниот Оглас е одреден понудувач со кој подоцна склучил ветен Договор како застапник на Фени Индустри АД Кавадарци. Стечајниот судија Валентина Ѓоргиевска, иако согласно Законот за стечај имала обврска да врши надзор над работата на стечајниот управник, постапила спротивно на своите надлежности односно пропуштила да ги врши и со тоа двајцата, без при тоа да водат сметка за законските обврски при утврдување на идентитетот на втората договорна страна и овозможиле на фирмата Глобал Спешал Опортјунитис ЛТД, регистрирана на Бахамите, да се стекне со нерамноправен Договор кој на неа и овозможува значителна имотна корист, а е штетен за стечајниот должник и ги доведува во неповолна положба стечајните доверители.
За работата на стечајниот судија Валентина Ѓоргиевска е поднесена и претставка до Судскиот совет на Република Македонија со барање да се испита нејзиното работење во постапката.
Транспаренси Интернешнл помогна во подготвување на Предлог за разрешување на Стечајниот Управник кој го поднесоа Доверителите. Предлогот за Разрешување на Стечајниот управник се поднесе по основ на потврден и оправдан сомнеж дека со неажурно внесување на податоци во системот на е-стечај стечајниот управник постапува пристрасно кон одделни доверители во стечајната постапка и врши работи спротивно на интересите на доверителите односно на стечајната маса, како и за незаконетиот договор за кој е поднесена и кривична пријава.
Транспаренси Интернешнл – Македонија доби претставка во врска со случајот и од Кунико Ресурси, компанијата во чија сопственост сè уште е Фени Индустри АД Кавадарци. Писмото е доставено и до Секретаријатот на Транспаренси Интернешнел (ТИ) во Берлин, како и во Канцеларијата на ТИ во Брисел. Со двете канцеларии веќе е остварен контакт за проверка на наводите. Во писмото тие наведуваат дека г-нот Кочо Анѓушев, заменик-претседател на Владата на Република Македонија, наводно го оркестрира целиот случај со цел компанијата да заврши кај понудувачот ГИСОЛ, со што тој ќе успее да го спречи влегувањето на компанијата Енекод во Македонија, а со тоа ќе го заштити и уделот кој на пазарот го има Енерџи Деливери Солушнс, компанија која е во негова сопственост. Вреднувајќи го правилото audiatur et altera pars, ова писмо го доставивме до вице-премиерот Анѓушев за да се изјасни по наводите, а неговиот одговор го очекуваме во следните неколку дена. Копија од писмото е испратена и до Премиерот на Република Македонија, г-н Зоран Заев.
Транспаренси Интернешнл – Македонија, како невладина организација се залага за транспарентност, владеење на правото, одговорно и отчетно рабитење на институциите и сузбивање на корупцијата, и понатаму ќе продолжи внимателно да ја следи стечајната постапка Фени Индустри АД Кавадарци и другите активности поврзани со неа и да укажува на сите неправилности за кои ќе добие информации дека постојат.