13.12.2019 Цената на корупцијата во Македонија е голема, а ја плаќаме сите ние, граѓаните кои сè уште не се иселиле и решиле да останат и својата иднина да ја градат на ова парче од земјината топка што многумина го нарекуваат црна дупка или сега во поново време, заробена држава, истакна Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнел Македонија во нејзиното обраќање насловено „Корупцијата со разорувачко и животно загрижувачко дејство“ на денешната конференција: Исполнување на ветувањето за проширување на ЕУ – 30 години добро управување и антикорупциски реформи во Централна и Источна Европа.
Транспаренси Интернешнел Македонија и членките на Платформата за борба против корупцијата бараат решителност во борбата против корупцијата. Ги повикуваат граѓаните масовно да почнат да пријавуваат случаи на корупција, а од сите учесници на идните избори да презентираат јасна платформа која ке биде заснована на видливи резултати и волја за борба против корупцијата.
„Корупцијата како кривично дело не треба никогаш да застарува, а корумпираните да немаат можност да управуваат со државата и нејзините институции“, побара Тасева.
Таа се осврна на две вести објавени на 3 и на 11 декември 2019 година. Првата се однесува дека македонските средношколци се најлоши од сите во регионот и другата дека нашата држава е на дното по квалитет на живот во регионот, поточно се наоѓа на 82-ро место на листата на која Србија е 63-та, Албанија е 69-та, БиХ е 75-та.
Овие состојби, оцени Тасева, се резултат од ендемската и системска корупција која има разорувачко и животно загрижувачко дејство од повеќе аспекти.
„Корупцијата прави да имаме лошо образование, лошо здравство, најзагаден воздух, лошо судство. Собрание кое се грижи само за интересите и потребите на партиите, трошење на парите од буџетот без контрола, празни институции за ревизија и контрола, лоша и партиски контролирана економија, банкарски сектор кој не ги почитува правилата за банкарско работење, нема и невидлива Народна Банка, јавно обвинителство кое нема капацитет за да исполни својата законска улога, недостаток на владеење на правото“, рече во обраќањето Тасева.
Според неа, се погласни се барањата на граѓаните да се стави крај на корупцијата, а корумпираните да одговараат за своите дела. Додаде дека посебно ова е резултат на состојбите со Специјалното јавно обвинителство и недостатокот од политичка волја за реформи во судството и за донесување на законот за јавното обвинителство.
„На граѓаните се повеќе им пречат самоволијата на судиите кои носат одлуки без образложение и без докази, на судството кое таквите одлуки ги допушта и со тоа се создаваат многу неправди, а во глобални рамки се и понатаму се губат сите вредности на кои треба да се засновува едно општество“, посочи Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнел Македонија во обраќањето на конференцијата по повод Светскиот ден за борба против корупцијата.
На Меѓународниот ден на борба против корупцијата, во центарот на Скопје се појавија алармантни табли со кои активистите предупредуваат на корупцијата.
„Kорупцијата во Македонија години наназад е во рангот на оние во Гамбија, Гвајана, Косово, Монголија и Панама. Од 44 држави во Европа, само две оваа година се рангирани како покорумпирани од Македонија, која реномето за длабоко корумпирана земја го одржува со години. Еден од клучните атрибути за ваквото реноме е корупцијата при јавните набавки. Се проценува дека најмалку една четвртина од парите кои што се трошат за јавни набавки завршуваат во приватни џебови. Истовремено едни од најгласните критики кои Македонија ги добива од Европската унија се токму критиките за корупцијата. Со оваа акција на сликовит начин се обидуваме на граѓаните да им објасниме колку многу народни пари се трошат за коруптивни зделки и се одлеваат во приватни џебови додека образованието, науката, културата, социјалата, здравството, екологијата страдаат“, порачуваат активистите од Урбани уметнички акции.