Под-грантот „Отворени договори – Чесни заедници: Следење на локалните јавни набавки за интегритет“ беше дел од проектот „Следење на интегритетот во Западен Балкан и Турција: граѓанските организации во борбата против корупцијата со користење на податоци за политичкиот интегритет“,кој се имплементира од Транспаренси Интернешнл-Македонија а поддржан од Европската унија. Овој под-грант беше имплементиран од Finance Think – Институт за економски истражувања и политики. Целта на проектот беше да се унапреди транспарентноста и политичкиот интегритет во јавните набавки на општинско ниво во Северна Македонија.
Со цел да се процени интегритетот во системот на јавни набавки во Северна Македонија, Finance Think спроведе истражување и дебати со релевантни чинители, а врз основа на наодите беше реализирана и кампања за застапување.
Проектот започна со обука организирана во Прилеп, на која учествуваа претставници на локални јавни институции, медиуми и граѓански организации, со што се унапредија нивните вештини за пристап и користење на податоци од јавните набавки, основите на јавните набавки, клучните фази во постапката, како и критичните точки и предизвици во јавните набавки.
Организацијата спроведе анализа на 10 постапки за јавни набавки на општините Прилеп и Крушево (по 5 набавки од секоја), при што беше изработен „Score-card“ (картичка за оценување) со наоди и препораки. На самиот почеток беше развиена методологија за изработка на овие картички. Потоа, 10 набавки беа случајно избрани од веб-страницата на Бирото за јавни набавки и анализирани согласно методологијата. Овој документ е достапен на следниот линк: https://www.financethink.mk/wp-content/uploads/2026/01/Scorecards-1.pdf
Подготвен е и документ за јавни политики, користејќи компаративен пристап за двете општини, како и конкретни препораки за унапредување на локалниот процес на јавни набавки кон поголема транспарентност, конкурентност и вредност за граѓаните. Документот е достапен на следниот линк: https://www.financethink.mk/wp-content/uploads/2026/03/%D0%91%D1%80%D0%B8%D1%84-%D0%B1%D1%80.79.pdf
Наодите од брифот беа презентирани пред локални претставници и засегнати страни за време на завршниот настан – панел-дебата организирана во Прилеп, на која учествуваа повеќе од 40 локални чинители, кои дискутираа за значењето на интегритетот во системот на јавни набавки.
Јавната кампања за подигнување на свеста „Мој тендер, мои пари“ ги поедностави комплексните прашања поврзани со јавните набавки и ги направи подостапни за пошироката јавност. Преку осум инфографици и содржини на социјалните медиуми, кампањата ги истакна клучните наоди од подготвените документи, ја промовираше важноста на транспарентните јавни набавки и го зголеми јавниот притисок за отчетност.








