Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈУЛИ 2026 ГОДИНА
Извештај на ЕК за владеењето на правото: Реформи на хартија, застој во пракса
Образецот што се повторува низ целиот документ не е отворено назадување, туку стагнација маскирана како реформа. Довербата на граѓаните во судската независност дополнително се урна оваа година, при што само 21 отсто од граѓаните и 19 отсто од компаниите ги оценуваат судовите како независни, значително помалку од 28 и 26 отсто лани. Комисијата директно посочува на „мешање и притисок од други државни гранки” како главна причина, забележувajки дека избрани функционери и претставници на Владата ги засилиле личните напади врз судии и обвинители кои ги обвинуваат за корупција, со изjaви од највисоко ниво на Владата за „чистење” на судството. ЕК заклучува дека судството и обвинителството продолжуваат да функционираат со буџет под половина од законски пропишаниот минимум, само 0,28 отсто од БДП наспроти пропишаните 0,8 отсто. Уште позагрижувачко, идната генерација судии едноставно не постои: Академијата за судии и обвинители го откажа приемот на 130 нови кандидати поради недостиг на средства, што значи дека земjaта нема да добие ниту еден нов судија или обвинител пред 2028 година. Сликата во борбата против корупцијата е слична. Спроведувањето на антикорупциската стратегија останува ниско, само 23 отсто од планираните активности за 2025 година биле целосно спроведени. Изменетиот Кривичен законик, донесен како привремено решение по проблематичните измени од 2023 година, ЕК го оценува како недоволен, со намалени казни за потешки форми на злоупотреба на службена положба, што директно го скратува рокот на застареност и остава помалку време за истрага на комплексни случаи на корупција. Резултатот е она што извештajот го нарекува чувство на неказнивост: високопрофилни случаи ретко завршуваат со правосилни пресуди.
Случајот со водата во Гостивар е сериозен индикатор за можни системски слабости, велат од Блупринт групата за реформи во правосудството – „Начинот на кој институциите постапувале, односно евентуално не постапувале, отвора сериозни прашања за институционалната одговорност и за тоа дали биле исполнети законските обврски за заштита на здравјето на граѓаните, што треба да биде предмет на темелна и независна истрага“, се наведува во соопштението на групата невладини организации. Според Блупринт групата, особено сериозни прашања се отвораат и во однос на функционирање на системот за контрола на квалитетот на водата за пиење. Загадувањето на водата во градскиот водовод во Гостивар не е самоизолиран инцидент, туку сериозен индикатор за можни системски слабости, оценуваат од Блупринт групата за реформи во правосудството.
„Талир 2“ и „Тотал“: Не ги ослободи судот, времето стана најдобриот адвокат на високата корупција – Во само два дена јавноста беше сведок на две одлуки за „Талир 2“ и „Тотал“ што повторно ја отворија најболната тема за македонското правосудството – застарувањето на предметите за висока корупција. Најнапред Апелациониот суд ја потврди одлуката дека кривичното гонење во предметот „Талир 2“, кој запира поради апсолутна застареност. Само ден подоцна Основното јавно обвинителство се повлече од обвинението во предметот „Тотал“ за даночно затајување, при што за дел од обвинението исто така беше констатирана застареност. Само по себе, едно застарување не мора да значи системски проблем. Но кога низ годините повеќе предмети од висок јавен интерес завршуваат без правосилна судска разрешница поради истек на роковите, неизбежно се поставува прашањето дали станува збор за повторувачки институционален образец. Затоа денес повеќе не е клучното прашање дали некој е виновен или невин. Прашањето е дали државата успева навреме да ја утврди евентуалната кривична одговорност.
Пристап до информации: Нема потпис, нема жалба – Ако граѓанин побара информација од државна институција, а не ја добие, може да поднесе жалба до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, единствениот орган што го штити тоа право. Досега најлесно и најбрзо жалбата можеше да се испрати преку меил. Но, од пред неколку недели, ако жалбата се испрати преку меил, мора да се завери со електронски потпис, кој чини меѓу 2.000 и 4.000 денари годишно. Со други зборови, ако некој сака да се жали, или треба да си купи електронски потпис за да ја завери жалбата, или да плати поштарина. Со тоа, како што велат соговорниците за БИРН, се создава бариера за пристап до информациите и се ускратува уставно-загарантираното право за слободниот пристап до информациите.
Државен завод за ревизија: Слабости во управувањето и јавните набавки на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија за 2024 година- Слабости во управувањето со залихите, јавните набавки и наплатата на побарувањата, како и значителна оптовареност констатирал ДЗР на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија за 2024 година поради големиот број итни прегледи. Oд дискриминација при распределување на средства, фаворизирање адвокат, местење тендери, па се до фиктивни исплати – Ревизија ја оцени најлошо Агенцијата за вработување – Со најлоша оценка („неповолно мислење“) е оценето работењето на Агенцијата за вработување за 2024 година од страна на Државниот завод за ревизија. Во најновиот извештај ревизорите лоцираа низа системски пропусти, како сомнежи за фаворизирање на адвокат, дискриминација при доделување на средства за самовработување во плански региони, неефикасно трошење милиони за обуки, местење тендери, исплата на надоместоци за неодржани седници, свесно кршење на законот за финансиска контрола како и исплати кои се под законскиот минимум. „Комунална хигиена“ со 113 неисправни возила тоне во долгови, а трошела милиони за вработувања преку приватна агенција – Ревизијата покажала дека околу 60 отсто од специјалните комунални возила не се во функција. Од вкупно 189 возила, исправни се само 76, додека 80 се неисправни, а 33 се хаварисани. Просечната старост на возниот парк изнесува 15 години, што, според ревизорите, значително ја намалува способноста на претпријатието за ефикасно да го одржува градот чист. Ревизијата утврди недоследности во работењето на ФЗО – Ревизијата во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) утврди дека сè уште има недоследности во ефикасноста на следење на лекувањето во странство, во начинот на финансирање / купување на услугите од јавните здравствени установи и ажурирање на референтните цени за здравствените услуги, како и во ажурирање на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот. Ревизија: Паркинзи Центар должи 86 милиони денари – Државниот завод за ревизија утврди низа неправилности во работењето на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ – Скопје за 2024 година. Меѓу клучните забелешки се 86 милиони денари неуплатена комунална такса кон буџетот на Општина Центар и 20 милиони денари застарени побарувања. Ревизијата покажала слабости во финансиското управување, евиденцијата на опремата и објектите, благајничкото работење и постапките за јавни набавки. ДЗР: Недостатоците во регулативата, недоволни човечки ресурси и недоволно преземени активности го ограничуваат фискалниот капацитет на ЕЛС – Недостатоците во законската регулатива, недоволните човечки ресурси и слабиот фискален напор значително го ограничуваат фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа, покажува ревизијата на успешност што ја спроведе Државниот завод за ревизија за периодот 2020–2024 година.
Судскиот совет незаконски назначува в.д. претседатели на судови, реагираат од Коалиција „Сите за правично судење“ – Коалицијата „Сите за правично судење“ реагираше за начинот на кој Судскиот совет, на седница определи вршители на должноста претседател на Апелациониот суд Скопје и на Основниот суд Струга. Во реакцијата се наведува оти Советот директно ги прекршил одредбите од членот 89 од Законот за судовите, кои наложуваат дека за в.д. претседател мора да се избере судијата кој е оценет со највисока позитивна оцена и има добиено најголем број бодови, а дополнително, на Судскиот совет му се забележува дека овој објективен критериум не предвидува слободен избор меѓу позитивно оценетите судии, ниту воведување субјективни мерила како менаџерско искуство или лична процена.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈУЛИ 2026 ГОДИНА
Со активно пријавување на неправилности и соработка со институциите може да се зголеми казнивоста во коруптивните дела
Обвинение за директорот на Инспекторатот за земјоделие — барал 100.000 евра за увоз на вештачко ѓубриво – Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен обвинителен акт против Анакиев, кој се товари за кривичното дело примање поткуп. Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, доби обвинение за примање поткуп откако, според обвинителството, побарал 100.000 евра за да одобри увоз на вештачко ѓубриво и да овозможи непречен увоз и во иднина.Според обвинението, тој во март годинава, како директор на Државниот инспекторат за земјоделство, „побарал и прибавил значителна имотна корист за себе, за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши“.
Уапсени двајца стоматолози за корупција – едниот бил претседател на комора, другиот претседател на испитна комисија – Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција поведе истрага против двајца стоматолози, кои примиле мито од осомничена во случајот „Ботокс“. Едниот бил претседател на Испитната комисија за полагање стручен испит, а другиот претседател на Стоматолошкото друштво на Албанците. Уплатата била извршена на трансакциска сметка, но Обвинителството не објавува за колкава сума се работи. Доказите се преземени од мобилните телефони одземени во рамки на друга истражна постапка против организирана криминална група инволвирана во нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала, во случајот познат како „Ботокс“.
Уапсен службеник на Агенцијата за вработување во Прилеп поради примање поткуп – Вработениот во АВРСМ со месеци уценувал корисник на социјална помош, барајќи му пари за да не му го укине правото на паричен надоместок. Полициски службеници во Прилеп го лишиле од слобода вработен во локалната Агенција за вработување, поради основано сомнение за сторено кривично дело примање поткуп, информираат од Министерството за внатрешни работи. Оттаму велат дека осомничениот ја злоупотребил својата службена положба на штета на 47-годишен сограѓанин, кој е невработен и примател на социјална помош, откако во периодот од април до јули, во повеќе наврати барал и примал поткуп од оштетениот. Уцените следувале откако жртвата претходно одбила понудено работно место во фабрика во Битола исклучиво поради нарушена здравствена состојба, а осомничениот го искористил овој факт за да го изнудува граѓанинот, ветувајќи му дека нема да му ја укине социјалната помош доколку континуирано му плаќа.
За да напише 6-ка, доцентката побарала 300 евра – му кажала на студентот каде да ги остави парите – Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против 38-годишна жителка на Кочани осомничена за кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничената како лице кое врши работи од јавен интерес, односно доцент на Универзитетот „Гоце Делчев’’ во Штип, директно за себе побарала корист – парични средства за да изврши дејствие што не би смеела да го изврши. На 16 јуни, откако студент не покажал доволно знаење за да го положи испитот кај неа, таа не му впишала оценка во индексот и во електронскиот систем дека не положил туку директно побарала пари во износ од 300 евра, за да му напише шестка со која тој би го положил наведениот испит. На 29 јуни во нејзината канцеларија, ги примила парите од студентот, така што му дала инструкции да ги остави на помошната маса, помеѓу скрипта и еден лист бела хартија, а во индексот му запишала преодна оценка.




