Од Србија до Северна Македонија, укажувачите кои откриваат корупција честопати се соочуваат со одмазда. Додека регионот работи на усогласување со стандардите на Европската Унија, овие случаи покажуваат како треба да изгледа ефективната заштита на укажувачите во практиката.
Забелешка на уредникот, последен пат ажурирано на 11 ноември 2026 година: Оваа статија првпат беше објавена во јуни 2024 година. Таа е ажурирана со најновите случувања во сите пет случаи, како и со новото истражување на „Транспаренси Интернешнл“ за заштитата на укажувачите во земјите опфатени со процесот на проширување на Европската Унија.
Лицата кои откриваат корупција во Западен Балкан се соочуваат со многу различни судбини, но ризиците на кои се изложени се речиси исти. Со години, ограноците и партнерите на „Транспаренси Интернешнл“ низ регионот им даваат поддршка на укажувачите. Кога првпат ја објавивме оваа статија во јуни 2024 година, ги истакнавме искуствата на пет укажувачи од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Косово. Две години подоцна, новите судски одлуки, тековните правни битки и напорите за застапување и понатаму ја нагласуваат личната цена на јавното разобличување на корупцијата, но и моќта на укажувачите да поттикнат промени.
Сепак, овие случаи ги откриваат и постојаните слабости во системите за заштита на укажувачите и покажуваат зошто законските реформи не смеат да останат само на хартија, туку мора да обезбедат ефикасна заштита и во практиката.
Како дел од процесот на пристапување кон Европската Унија, од земјите кандидати се очекува да ги усогласат своите закони за заштита на укажувачите со Директивата на ЕУ за заштита на укажувачите. Проценката на „Транспаренси Интернешнл“ од 2026 година за заштитата на укажувачите во земјите опфатени со процесот на проширување на ЕУ покажа дека, иако е постигнат одреден напредок, законските рамки и нивната примена сè уште не ги исполнуваат стандардите на ЕУ и најдобрите практики во клучните области.
Петте случаи подолу покажуваат како овие недостатоци се одразуваат врз животите на луѓето и зошто успешноста на реформите не треба да се оценува само според тоа дали постои закон, туку и според тоа дали укажувачите можат безбедно да пријават неправилности, навремено да добијат заштита и да остварат ефективна правна заштита кога ќе се соочат со одмазда.
Србија: Спротивставување на одмаздата и незаконските именувања
Во 2020 година, Миленко Јовановиќ, раководител на Одделот за контрола на воздухот во Агенцијата за заштита на животната средина на Србија, јавно се спротивставил на одлуката на Агенцијата за промена на критериумите за мерење на квалитетот на воздухот. Измената, донесена од вршителот на должноста директор, носела ризик од прикривање на реалните нивоа на загаденост, прикажувајќи ги како помалку сериозни отколку што навистина биле. Според новата методологија, Белград, главниот град на Србија, не бил вклучен на листата на најзагадени градови во светот. Набргу по јавното изнесување на својот став, Јовановиќ бил отпуштен од работа.
Од Агенцијата тврделе дека тој бил отпуштен поради несоодветно одржување на мерните станици за следење на квалитетот на воздухот. Меѓутоа, кога Вишиот суд во Белград наредил негово враќање на работното место додека трае решавањето на спорот, директорот на Агенцијата го укинал неговото работно место.
Јовановиќ ја продолжил својата правна битка со поддршка од специјализирани адвокати од „Пишталјка“ (Pištaljka), организација за заштита на укажувачите и медиумите, и на крајот ги добил и работниот спор и судската постапка за надомест на штета. Во текот на постапката, тој стапил во контакт со Центарот за застапување и правни совети (ALAC) на „Транспаренси Србија“, согледувајќи дека проблемите се од системски карактер и се однесуваат на управувањето во јавниот сектор.
Кога тимот на ALAC спровел дополнителна истрага, открил дека вршителот на должноста директор на Агенцијата за заштита на животната средина бил еден од многубројните високи државни службеници чии именувања не биле во согласност со законот. Од 2015 година, вршителот на должноста директор бил повторно именуван повеќе пати, и покрај законското ограничување според кое ваквите именувања можат да траат најмногу шест месеци.
Во 2021 година, ALAC ја оспорил оваа практика пред Јавното обвинителство. Две години подоцна, Управниот суд пресудил дека Владата не може повторно да го именува директорот, што значело и дека отпуштањето на Јовановиќ не можело да се оправда врз таа основа.
Оттогаш, „Транспаренси Србија“ оспорила уште 50 вакви именувања, врз основа на информации добиени од државни службеници и сопствена анализа на владините одлуки. Јавното обвинителство ги прифатило барањата во 27 случаи и побарало од судовите да ги поништат тие именувања.
Заклучно со октомври 2026 година, речиси три години по поднесувањето на тужбите, Управниот суд сè уште немал донесено одлука во ниту еден од 27-те случаи. Овие одложувања овозможиле истата практика на именување да продолжи без никаква контрола. Овој случај покажува дека укажувањето на корупција и неправилности води кон промени само кога институциите преземаат конкретни мерки за решавање на проблемите што се откриени.
Босна и Херцеговина: Заштитени на хартија, казнети во практиката
Низ целиот регион, укажувачите може да се соочат со уште еден неуспех по претрпената одмазда: неправилностите што ги пријавуваат можеби нема да бидат соодветно истражени. Судските постапки може да траат долго, а вниманието на институциите понекогаш да биде насочено кон помали прекршоци, наместо кон посериозните неправилности што биле откриени.
Во 2018 година, Емир Мешиќ, вработен во Управата за индиректно оданочување на Босна и Херцеговина, пријавил сомневања за корупција поврзана со царинските приходи до Обвинителството. Додека чекал надлежните институции да постапат по неговата кривична пријава, Агенцијата за превенција на корупцијата и координација на борбата против корупцијата му доделила статус на заштитен укажувач.
Две години подоцна, откако не забележал никакви знаци дека се спроведува истрага, Мешиќ одлучил јавно да проговори. И покрај статусот на заштитен укажувач, Управата за индиректно оданочување го деградирала и го суспендирала од работа. Тој побарал помош од „Транспаренси Интернешнл Босна и Херцеговина“.
Огранокот на организацијата побарал од Агенцијата да го заштити Мешиќ и му обезбедил правна поддршка за да ги оспори мерките на одмазда пред суд. Управата за индиректно оданочување покренала дисциплинска постапка против Мешиќ, обвинувајќи го за нарушување на нејзиниот углед, а во 2021 година го отпуштила од работа.
Мешиќ ги оспорил овие мерки пред суд, тврдејќи дека бил цел на одмазда поради тоа што јавно проговорил за неправилностите. Меѓутоа, Судот на Босна и Херцеговина, највисокиот редовен суд во земјата, го отфрлил неговото барање и ги потврдил дисциплинските мерки како законски. „Транспаренси Интернешнл Босна и Херцеговина“ ја критикувала судската одлука затоа што не го зела предвид статусот на Мешиќ како заштитен укажувач.
Неговата првична пријава за корупција се одвивала по посебен пат. Додека траеле овие судски постапки, Обвинителството одлучило да не отвори истрага. Мешиќ ја оспорил таа одлука, но неговата жалба била одбиена. Потоа поднел жалба до Уставниот суд на Босна и Херцеговина, кој исто така ја отфрлил.
За жал, Мешиќ не доживеал да го види завршувањето на сите постапки поврзани со неговиот случај. Починал од рак во декември 2025 година.
Овој случај не е изолиран. „Транспаренси Интернешнл Босна и Херцеговина“ документирала и други слични одлуки за неповедување истраги по пријави за корупција, што дополнително ја засилува загриженоста за тоа што се случува откако укажувачите ќе проговорат за неправилностите.
Црна Гора: Откриена корупција, но ускратена заштита
Стравот од одмазда и понатаму е една од главните причини поради кои луѓето не пријавуваат неправилности. Сепак, во регион каде што откривањето на корупцијата често се обесхрабрува, укажувачите имаат клучна улога во алармирањето на јавноста кога јавните средства или моќта се злоупотребуваат за лична корист.
Душан Дракиќ стана еден од најпознатите примери за одмазда врз укажувач во Црна Гора, откако изрази загриженост во врска со управувањето со Агенцијата за спречување на корупцијата.
Во 2023 година, Дракиќ, кој тогаш ја раководел единицата за политичко финансирање во Агенцијата, бил суспендиран заедно со уште деветмина колеги, откако пријавил сомневања за проневера на средства од страна на директорката на Агенцијата, Јелена Перовиќ. Партнерската организација на „Транспаренси Интернешнл“ во Црна Гора, MANS, му помогнала на Дракиќ да поднесе кривична пријава против Перовиќ.
Од Агенцијата за спречување на корупцијата тврделе дека суспензиите биле резултат на административни спорови и му ја ускратиле заштитата што му следува како на укажувач.
Во 2024 година, Перовиќ била уапсена под сомнение за злоупотреба на службената положба. Во мај 2026 година, Вишиот суд во Подгорица, со првостепена пресуда, ја прогласил за виновна за неколку кривични дела и ѝ изрекол затворска казна од две години и два месеца. Иако пресудата сè уште не е правосилна, овој случај покажува дека сомневањата на кои укажувачите првично укажале довеле до кривично гонење и можна осудителна пресуда.
По разрешувањето на Перовиќ од функцијата во август 2024 година, Дракиќ бил именуван за вршител на должноста директор на Агенцијата за спречување на корупцијата, со што застанал на чело на институцијата која претходно го суспендирала. Сепак, и покрај овој пресврт, неговиот случај како укажувач сè уште не е разрешен. Агенцијата никогаш официјално не му го признала статусот на заштитен укажувач, ниту пак признала дека дисциплинските мерки преземени против него претставувале одмазда.
Искуството на Дракиќ укажува на поширок проблем во Црна Гора: дури и кога укажувачите откриваат неправилности што доведуваат до кривично гонење или осудителни пресуди, сепак може да им биде ускратена соодветна и ефективна заштита.
Северна Македонија: Случајот на еден филмски режисер влијае врз донесувањето нов закон за заштита на укажувачите
Во Северна Македонија, Центарот за застапување и правни совети (ALAC) на „Транспаренси Интернешнл-Македонија“ искористил еден познат случај за да се заложи за измени на националниот закон за заштита на укажувачите. Во 2022 година, познатиот филмски режисер Милчо Манчевски му се обратил на Транспаренси Интернешнл-Македонија за да пријави наводен судир на интереси во конкурс за доделување финансиски средства, распишан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
Наодите од истрагата на Транспаренси Интернешнл-Македонија ги потврдиле неговите наводи, по што тимот на Центарот одржал прес-конференција во 2023 година. Се огласила и Државната комисија за спречување на корупцијата. По неговото јавно укажување, Агенцијата за филм поднела кривична пријава против Манчевски и ги повлекла доделените финансиски средства. На барање на Државната комисија за спречување на корупцијата, Владата го разрешила директорот на Агенцијата.
Манчевски ја продолжил својата правна битка. На крајот на 2024 година, Управниот суд ги потврдил неправилностите поврзани со судирот на интереси што тој ги открил во Агенцијата за филм. На почетокот на 2025 година, и Основниот граѓански суд во Скопје пресудил во негова корист во врска со замрзнатите финансиски средства од страна на Агенцијата. (Судски одлуки)
По овие судски одлуки, Агенцијата за филм, по речиси тригодишно одложување, го потпишала договорот за неговиот филмски проект „Leaving Copakabana“, чија продукција била одложена поради претходните случувања. Во март 2026 година, Агенцијата потпишала и спогодба со која се обврзала да му го исплати долгот за неговиот претходен филм „Кајмак“, заедно со дел од каматата досудена од судот.
Случајот ги открил и недостатоците во законската рамка, кои треба да бидат надминати со новиот Закон за заштита на укажувачите, чие донесување подолг период е во застој.
Косово: Силните закони мора и да се спроведуваат во практиката
Законодавството на Косово е во голема мера усогласено со Директивата на ЕУ за заштита на укажувачите, но пречките во практичната примена и понатаму постојат. Предизвикот сè повеќе се однесува на спроведувањето на законите, односно на обезбедувањето дека цврстите законски одредби се толкуваат и применуваат на начин што ги штити лицата кои пријавуваат неправилности.
Во 2023 година, едно лице вработено во јавниот сектор анонимно пријавило сомнителна корупција во постапка за вработување до Центарот за застапување и правни совети (ALAC), кој функционира во рамките на Демократскиот институт на Косово (KDI). ALAC утврдил повеќе прекршувања на законите за работни односи и помогнал во оспорувањето на постапката за вработување.
Трудовиот инспекторат ги потврдил утврдените прекршувања и ѝ наложил на институцијата да ја повтори постапката за вработување. На крајот, укажувачот бил избран врз основа на своите заслуги.
Сепак, во 2024 година, институцијата покренала дисциплинска постапка против него. Подоцна, надлежното независно тело за државна служба донело одлука за негово враќање на работа, по што тој повторно ја презел својата работна позиција.
Сепак, овој случај ги илустрира тешкотиите со кои укажувачите сè уште може да се соочат. Иако независното тело донело одлука за негово враќање на работа, истовремено му изрекло забрана за унапредување во период од две години, со образложение дека јавно открил информации без претходно да ги исцрпи сите постапки за пријавување предвидени со законот.
Поширокото значење на овој случај станало очигледно кога Специјалното обвинителство на Косово поднело обвинителен акт против поранешниот министер за трговија и индустрија во врска со наводите што ги пријавил укажувачот. Случајот во моментов е во судска постапка.
Од поединечни случаи до промени на регионално ниво
Овие случаи покажуваат зломената изложеност на ризик при несоодветна заштита на укажувачите. Лицата кои се осмелуваат да проговорат може со години да трпат одмазда, додека неправилностите што ги откриваат често остануваат нерешени.
Додека земјите од Западен Балкан ги реформираат своите закони во рамките на процесот на пристапување кон Европската Унија, имаат вистинска можност да постапат поинаку и да обезбедат поефикасна заштита. Проценката на „Транспаренси Интернешнл“ од 2026 година укажува на областите во кои заштитата на укажувачите сè уште не ги исполнува потребните стандарди, како и на реформите што се неопходни за надминување на овие недостатоци.
Преку обезбедување правна помош, кампањи за подигнување на јавната свест, застапување, давање препораки за јавни политики и соработка со коалиции и работни групи, ограноците и партнерите на „Транспаренси Интернешнл“ продолжуваат да се залагаат за тоа гласот на граѓаните кои пријавуваат неправилности да биде слушнат и заштитен.
Центрите за застапување и правни совети (ALAC) низ регионот им даваат поддршка на поединечни укажувачи, истовремено користејќи ги нивните искуства како основа за застапување за пошироки реформи насочени кон унапредување на транспарентноста и отчетноста.
Целта е едноставна: граѓаните да можат да откриваат корупција без страв од одмазда, со сигурност дека ќе добијат заштита, поддршка и ефективни правни механизми за заштита кога тоа ќе биде потребно.




