25.04.2007 Степенот на корупција во Македонија и понатаму е висок, а за таквата ситуација најмногу придонесува зависноста и неефикасноста на судовите. Ова на денешната работилница на „Нулта корупција“ го изјави координаторот од централата на „Транспаренси интернешнл“ во Берлин, Јана Митермаер, која престојува во мониторинг мисија на невладините организации во државава. „Корупцијата е сериозен проблем во Македонија, што значи дека борбата против оваа појава треба да продолжи“, рече Митермаер, притоа изразувајќи подршка за работата на „Нулта корупција“. Учесниците на денешната работилница посветена на корупцијата во приватниот и јавниот сектор, како најголем проблем ја посочија корупцијата при јавните набавки. „Од спроведените ревизорски извештаи се заклучува дека Македонија е богата држава, но, проблемот е што парите се трошат нерационално“, изјави главниот државен ревизор Драгољуб Арсовски, посочувајќи дека најранлива област се јавните набавки во здравството. |
Јавните набавки како многу погодно поле за корупција ги оцени и експертот за јавни набавки, Живко Темелковски. „Најголем проблем е тоа што често не постои јавност при отварањето на понудите, а извршителите на највисоките функции, воопшто и не ги читаат извештаите за работата на комисиите“, изјави Темелковски. Решение за проблемот со јавните набавки, според професорот Борче Давитковски е усвојувањето на етички кодекс. „Од идниот етички кодекс што без сомнение треба да го усвојат министрите и носителите на јавни функции, треба да произлезе морална осуда, а со него треба да се усвојат и одредени санкции“, смета Давитковски. Како позитивен пример тој ги посочи англиските етички кодекси, кои содржат и по над 450 страници и предвидуваат санкции за оние што ќе ги прекршат.
Извор: Макфакс |