Со свои пари судството ќе биде навистина независно
30.03.2007 Финансирањето на Судскиот совет и на судството, воопшто, мора да се „одлепи“ од другите две власти ако сакаме граѓаните да стекнат доверба дека тие се навистина независни и самостојни, сметаат членовите на Советот за судски реформи. – Судскиот совет е орган од исклучителна важност и со големи овластувања, но мора да ја стекне довербата на граѓаните како независен и самостоен. Министерството за правда треба да размисли за неговото финансиско осамостојување – рече народниот правобранител Иџет Мемети. Според Законот за судскиот буџет, судовите даваат свои процени на финансиските потреби, но Владата одредува колку пари ќе се префрлат од државниот во судскиот буџет. – Овој закон е надминат и мора да се смени. Во спротивно, има зависност. Нерамноправноста помеѓу судството и другите две власти е јасна. Тоа се гледа и во неоправданото одолжување на изборот на другите пет члена на Советот од Собранието Три месеци бараме согласност за вработување државни советници. Извршната и законодавната власт мислат дека реформите треба да ги спроведуваат само судиите и Министерството за правда – рече претседателот на Судскиот совет, Бекир Исени. Министерот за правда Михајло Маневски рече дека реформите во судството ги дале првичните резултати. |