15.07.2016 Како „Силекс неметали“ со огромни долгови кон државата заврши во ликвидација
Семејството Левковски од Кратово раскажува дека фирмата во која нивниот татко работел три децении „Силекс неметали“ одбива да исплати отштета за неговата смрт на работното место, иако за тоа има и правосилна судска пресуда. Но, за тоа веќе е и доцна, бидејќи според Левковски, од неодамна фирмата оди во сомнителна ликвидација.
Огорчени од нелојалноста и од нечовечноста, оштетените истражуваат како со години успешната фирма наеднаш тоне во долгови и загуби, а нејзината работа ја презема новоотворена фирма, со речиси идентично име, сместена на иста адреса. Поради сомневањата за манипулации и незаконско делување, семејството поднело неколку кривични пријави против раководните лица на компанијата
Правдата во Македонија е бавна, а најчесто и недостижна, но дури и кога ќе се дочека, поради многуте години поминати низ судските лавиринти, таа честопати не може да се спроведе. Ова значи дека си добил пусулче во рака дека си во право, но не го добиваш и она што законски ти следува.
Вакво негативно искуство доживеало семејство од Кратово, кое изгубило осум години барајќи обесштетување за својот починат татко, кој животот го изгубил на работното место. Поточно, откако судот конечно пресудил минимален надомест, за разлика од оној со кој на политичарите им ги залекува душевните болки предизвикани од „клевета или навреда“, сега не можат да го наплатат. Под сомнителни околности, фирмата завршила во ликвидација. И тоа не само со долгот кон ова семејство, туку со неплатен цех од околу 1,5 милион евра кон други физички и правни лица, но и кон државата.