ЦКГ објави мерки за намалување на корупција во јавните претпријатија и установи
|
23.07.2007 Центарот за граѓански комуникации од Скопје денеска објави препораки за преземање мерки за стеснување на просторот за корупција во јавните претпријатија и установи. Потребата од преземање на предложените мерки произлегува од констатираниот широк простор за корупција во јавните претпријатија и установи што го овозможуваат слабата регулација на оваа сфера и партизацијата на овие институции, се вели во соопштението од Центарот за граѓански комуникации. До предложените мерки Центарот дошол преку истражување на формите, начините и чинителите на корупцијата во јавните претпријатија и установи, преку прибирање мислења и наменски експертизи на домашни стручњаци за мерките што треба да се преземат за намалување на корупцијата. Направени се и консултации со домашни јавни и приватни институции и организации. За предложените мерки земени во предвид се и решенијата и најдобрите практики што се спроведуваат во другите земји од регионот, ЕУ и светот, како и препораките од меѓународните институции и организации. Организирана е и завршна работилница со засегнатите страни за финализирање и приоретизирање на мерките на која е направено нивно адаптирање и конкретизирање. |

